Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ од публицистот, поранешен новинар, уредник и преведувач Ненад Баткоски. На околу 350 страници, формат Б5, опфатени се голем број статии, коментари, интервјуа, репортажи, извештаи и други новинарски форми, со кои авторот во период од над 40 години сведочел за општествените промени, особено оние во Македонија.
Текстовите ги објавувал во угледните дневни весници „Борба“ (Белград и Загреб), „Република“, „Нова Македонија“, „Вечер“, во весникот на демократската пролет „Млад борец“, во неделникот „Време“ од Софија, како и во франкофонските печатени медиуми „Ле нуво котидиaн“ (Le nouveau quotidien) од Лозана, „Диагонал ест уест“ (Diagonales est-ouest) и „Ом е либерте“ (Hommes & libertés) од Париз.
Во книгата има и интервјуа направени пред изборите во 1990 година, со лидерите на водечките политички партии: Гане Тодоровски, Петар Гошев, Невзат Халили, Љупчо Георгиевски, Стојан Андов… Тука се поместени и интервјуата со Хенрик Сокалски од УНПРЕДЕП, Владимир Ралев од македонската дијаспора, со Симон Трпчески, тогаш млад и надежен пијанист, Сониа Зоран, швајцарска новинарка, угледниот новинар фоторепортер и подоцна бизнисмен Роберт Јаки… Авторот ги смета за свој голем успех и текстовите со кои е спречена изградбата на цементарница во непосредна близина на Белград, како и текстовите за рехабилитацијата на Ченто и другите бурни настани на македонската политичка сцена на крајот на осумдесеттите и првите години од деведесеттите години на минатиот век, вклучувајќи го и периодот кога бил одговорен уредник на МИА (1999 – 2000).
Ненад Баткоски дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Белград. Работел како новинар во весниците „Борба“ (1979 – 1991), „Република“ (1991 – 1993), „Долар“ (1994 и 1995) и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА од 1999 до 2000 година.