Хумана страница
По иницијатива на библиотеката „Феткин“ е реализирана една прекрасна и благородна идеја со цел да се анимираат децата што престојуваат на Одделот педијатрија при ЈЗУ „Општа болница“ – Кавадарци. Од петокот, 22 ноември, на ова одделение е поставена и опремена мини-библиотека, која ќе им овозможи на децата што престојуваат на лекување да можат да си го исполнат своето време и да прочитаат интересна книга.
– Во фаза на подобрување на функционалноста на просторот во библиотеката „Феткин“ дојдов до идеја детското катче комплетно да му го донираме на Одделот педијатрија во нашата кавадаречка болница. Бев воден од мислата дека времето во болничкиот кревет многу бавно поминува, а децата таму немаат свое катче каде што би можеле да престојуваат надвор од болничката соба. Си помислив дека оваа детско катче би можело да има подобра функција токму во болницата. Веднаш ѝ се обратив на една од најуспешните компании во градот, која како и многупати досега како општествено одговорна компанија ја прифати идејата да се опреми со книги библиотеката. Така, на рафтовите на болничката детска библиотека се најдоа дури 78 наслови на сликовници и збирки на бајки за најмладите, како и многу енциклопедии со многу интересни и корисни содржини, кои би можеле да ги заинтересираат децата до 14 години, кои се лекуваат во кавадаречката болница – вели директорот на библиотеката „Феткин“ Петар Гурев.
Свеченото пуштање во употреба беше реализирано во присуство на донаторите и на првите луѓе на болницата.
Ми.М.