Изложбата „Енергија на светлината“ од циклусот „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски-Бане ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Уметничката галерија на Музејот во Куманово. Станува збор за продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното. Како што вели и самиот: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство долго време ја плени мојата имагинација“.
За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“, каде што беа применети дигиталните техники, во овој циклус авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ги нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури. Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми. Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов „Енергија на светлината“), нѐ враќаат до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки.

– Циклусот „Урбани трансформации“ еклатантно ја потврдува способноста на еден уметник да ги реинтерпретира нештата што го опкружуваат преку единствена и кохерентна уметничка визија. Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Напротив, тој го слави и оживува ова урбано културно наследство, давајќи му можност за нова уметничка еволуција и егзистенција. Смелите колористички концепти и динамичните композиции на неговите дела содржат во себе призвук од минатото, трендовска актуелност на денешницата и антиципација на иднината: нѐ носат наназад до асамблажите од циклусот „Полски села“ на американскиот уметник Френк Стела, кој со иста обоена жар и апстрактен геометризам ги „оживуваше“ естетските и архитектонските елементи на уништените села и еврејски синагоги во Втората светска војна; нѐ освежуваат како бизарните графички композиции на популарната млада уметница и графичка дизајнерка во подем Лета Собиерајски; и суптилно нѐ предупредуваат на можната дистописка иднина во налетот на урбаната деструкција и „лудилото“ во име на „прогресот“ – се наведува во најавата за изложбата.