Македонија ќе биде во третиот барабан за извлекувањето на групите во декември. Во првиот барабан се осумте четвртфиналисти во Лигата на нациите и четири селекции со најдобар пласман на ранг-листата на ФИФА што не се меѓу осумте најдобри во Лигата на нациите
ФУДБАЛ
Групната фаза во Лигата на нациите заврши синоќа, со последните мечеви од шестото коло, па вниманието наскоро ќе биде насочено кон ждрепката за квалификациите за Светското првенство (СП), од март в година. Вкупно 16 репрезентации од Европа ќе се натпреваруваат на Мундијалот, три повеќе отколку на претходното СП, во 2022 година. Европските квалификации треба да почнат во март 2025 година и да завршат со плејофот една година подоцна.
Ждрепката за одредување на квалификациските групи е закажана за 13 декември, во Цирих, кога репрезентациите ќе бидат поделени во 12 групи по четири или пет селекции. Репрезентациите извлечени во групи со по пет селекции ќе почнат со квалификациите во март, а тие во групи со по четири ќе почнат да играат во септември. Сите мечеви во групите завршуваат во ноември в година.
Осумте четвртфиналисти во Лигата на нациите се во првиот барабан пред ждрепката, а во тој барабан ќе бидат и четирите селекции со најдобар пласман на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Според актуелната листа тоа се Англија, Белгија, Швајцарија и Австрија. Четвртфиналисти во Лигата на нациите се Португалија, Франција, Германија и Шпанија како победници на групите, како и Хрватска, Италија, Холандија и Данска како второпласирани.
На осумте селекции во четврт-финалето на Лигата на нациите ќе им требаат слободни термини во март, а на четирите полуфиналисти и во јуни. За сите други барабани местата се распределени според ранг-листата на ФИФА, а Македонија е во третиот барабан. Бидејќи четврт-финалето на Лигата на нациите е во март, осум од 12-те квалификациски групи дотогаш нема да го знаат својот целосен состав, пишува ЕСПН.
Четири од групите со по четири репрезентации ќе добијат една селекција „победник на четвртфиналната двојка“, бидејќи мора да бидат слободни за натпревари во март и во јуни, а во други четири групи ќе играат „поразени во четврт-финалето“, па само четири групи ќе бидат комплетирани до 13 декември, пишува ЕСПН. Оние селекции што се вклучени во мартовските плејоф-дуели ќе ги почнат квалификациите за Светското првенство или во јуни или во септември, во зависност од тоа дали ќе бидат извлечени во група со пет или со четири репрезентации.
Победниците од 12-те групи директно ќе се пласираат на СП 2026, а четирите преостанати места се одредуваат со баражот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани во групите и четири најдобри меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, кои во групната фаза на европските квалификации нема да бидат на првите две места. Натпреварите од плејофот за пласман на СП 2026 ќе се играат со по еден полуфинален и финален натпревар.
Македонија за три месеца освои и околу 20 поени за ранг -листата на ФИФА
Македонската репрезентација со одличниот настап сезонава во Лигата на нациите значајно го подобри и бодовниот биланс за ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Така, откако на листата во јули Македонија имаше 1.348,63 бода и беше на 72-то место, по петте победи и едното реми од септември до ноември црвено-жолтите освоија околу 20 бода (2,55 поени во септември, 9,83 во октомври и над 7,5 во ноември), досега напреднаа за три места (од 72-то до 69-то место), а новата ноемвриска листа се очекува идната недела. Н.М.