Алкалоид со триумф во Охрид без пораз го заврши првиот круг од регуларниот тек на првенството
Гостите од друга страна, со супер висока централна зона, но и со супер агресивно поставен играч на позиција два, кој треба да оневозможи комотно развлекување, и широко вкрстување на бековите, како „коњак“ игра на „Стариот“, кој преферира таков систем на игра во нападот. И не е само агресивен, можеби тој е нај истурен, и затоа „боде очи“. Целиот тим е агресивен и антиципира. Термин кој првпат во животот го слушнав од устата на „Маго ди Умаго“, како филозофија ја прифатив гледајќи го истиот тој секој ден, во двојна доза, во истата таа Автокоманда
Со триумф во Охрид, пред преполни „Биљанини“, Алкалоид го затвори првиот круг од регуларниот дел на првенството, расипувајќи го роденденот на „Рибари“ и „затнувајќи“ ги устите на стотици „зли јазици“, кои изминатите неколку денови, откако излезе поширокиот список на националниот тим, на социјалните мрежи, ги броеја ракометарите кои се на тој ист список, а доаѓаа од Автокоманда. Викаме „затнувајќи“ затоа што во моментов, тимот кој е составен од 95% македонски играчи, успева да го одржи ритамот, да „преживее“ во Европа, да остане непоразен и да наметне систем кој победува. Додека не се „јави“ уште еден клуб од првите пет, кој ќе им даде изим (архаично: дозвола) на македонски играчи да решаваат натпревари, да бидат и повеќе од доминантни, физички и технички да напредуваат, растат и созреваат, да создаваат искуство, да победуваат и губат, истите тие (како бројка) ќе доминираат и во националниот тим. На кој му смета, нека го смени каналот, но реалноста е таа.
А реалност е и дека, ова е триумф на првото од трите тешки гостувања, кои ќе ги има тимот на Лазаров во периодот до крајот на календарската година. На првото од нив, на еден својствен за нив начин, штиклирана е победа. Останатите допрва следуваат, а тоа се двете гостувања во „Јане“ и „Боро Чурлевски“. Положен е важен испит до крајната цел, а тоа е домашната титула.
Но, што можевме да видиме во прекрасниот амбиент во Охрид, во преполната сала, како уште еден комплимент за Алкалоид, која брзо стана екипа на која сите сакаат да и „земат мерка“?
Видовме дека Алкалоид, тактички, покрај тоа што физички веќе некоја година доминира во лигата, од ден на ден е се поквалитетен. Дека уиграноста на екипата е донесена до ниво, да можеби и нема понатаму, дека зоната, без разлика кој е внатре (добро, не баш секој!), функционира одлично и е главен двигател на успехот на тимот. Видовме дека човек многу тешко, гледано на два правци, може да потенцира еден играч кој е клучен за триумф на тимот на одреден натпревар. Дека транзицијата и брзиот центар, како резултат на „киснење“ на играчите во сала, не „билда“ технички грешки на страната на „сините“, односно дека истите се сведени на минимум, што е голем плус за било кој тим кој не доаѓа од Скандинавија. Видовме исто така, дека македонските играчи, од постара генерација, се веќе прекубројни и од јуни ќе бидат надвор од играчкиот ростер, што веројатно и беше планот, да бидат поддршка на „децата“ додека не „пораснат“. Ракометно се разбира…
АНТЦИПАЦИЈА НА СИТЕ НИВОА ВО ОДБРАНБЕНАТА ЗОНА – ТАЈНАТА НА УСПЕХОТ
Двете екипи, со 6-0 зони, без големи изненадувања во однос на поставеност во одбраната, но со различен пристап и филозофија на делување во истите. Охрид со класична зона, со стари проблеми во дефинирање на „ликовите“ кои ќе бидат главни и стандардни на позиции 3 и 4, повторно имаше проблеми да ги најде „идеалните“ ракометари на централните позиции. Се свртеа неколку, но чаре за играта на противникот не се најде. Млака зона, која е лесно предвидлива и не е во можност да се трансформира и тактички да маневрира, едноставно нема можност да се одбрани од десетици дуели еден-на-еден, на широк простор, после изолација. Гостите од друга страна, со супер висока централна зона, но и со супер агресивно поставен играч на позиција два, кој треба да оневозможи комотно развлекување, и широко вкрстување на бековите, како „коњак“ игра на „Стариот“, кој преферира таков систем на игра во нападот. И не е само двојката агресивна, можеби тој играч е нај истурен, и затоа „боде очи“. Целиот тим е агресивен и антиципира. Антиципација или предвидување на нешто што допрва ќе се случи. Во овој случај во играта. Термин кој првпат во животот го слушнав од устата на „Маго ди Умаго“, како филозофија ја прифатив гледајќи го истиот тој секој ден, во двојна доза, во истата таа Автокоманда. Антиципираат и крилата кои играат како „втори“ халфови, антиципираат двојката и петката, кои треба да ја згуснат зоната и да ги „натераат“ противничките бекови да напаѓаат кај што е „тарабата“ највисока, а богами антиципираат и централните играчи, кои заедно со тие на два и пет, играјќи зонска поставеност, каде чуваат простор, а не играч, способни за маневар и излегување од „комфорт“, оставаат (лажен) впечаток дека „линијата“ е слободна и спремна за асистенција. Како „колумбиска офсајд замка“. Ситуација која доведува до технички грешки на противникот, пресечени топки, шутеви од неизградени позиции, топки во аут и како конечен резултат: „лесни“ голови кои ја „убиваат“ самодовербата. И, сето тоа, на долг рок, трпеливо, поткрепено со одлична физичка подготовка и глад успех. Успех, по секоја цена, наметнат од Кралот.
ДУЕЛ ИГРА ПО ИЗОЛАЦИЈА, ПИВОТ ПРЕКУ ЕДЕН ИГРАЧ, ТЕХНИЧКА ПОДГОТОВКА И УИГРАНОСТ
Нападот на двете екипи, исто така, дијаметрално спротивен. Домаќинот, со навигација да развлекува, вкрстува широко, и со помош на „отцепување“ на зоната од страна на пивотот, да се создава ситуација на играч повеќе, во голем дел од мечот, делуваше тапо и неконкретно. Генерално поради типот на играчи, кои со чест на исклучоци, „кубурат“ со квалитет во дуел игра, а добар дел и поради нетрпеливоста на истите. Секогаш кога Охрид ќе одиграше трпеливо, ќе го направеше, квалитетно, третото вкрстување, имаше ситуација на чиста позиција (или барем нешто приближно до тоа). Имам впечаток дека таму, поради големиот број играчи на секоја позиција, секој кој ќе добие шанса да влезе во игра, се „истрчува“ да ја искористи и не дава вторпат да дојде топка до него. Алкалоид, од друга страна, со веќе препознатлива игра со изолација на една или друга страна, навремено „втрчување“ на крило (најчесто лево) на втор пивот, со многу тренирана дуел игра, пивот преку еден играч, техничка подготовка и уиграност, добиениот дуел да се ефектуира со асистенција со одличен пренос на топка. На моменти многу грдо и досадно, Брус Ли, Симба и останатите бекови на Лазаров, и со двоцифрен број на дуели, постојано и постојано напаѓаа таму, каде што колената се најслаби (или најтенки) и асистираа на високо поставена рака, таму каде што противникот е најкус.
И така до 40, 45 минута додека противникот не почне да „липсува“ и да греши…
„КОМОДОРЕ 64“ 2.0 СО ЗАЦВРСТЕН ХРАДВЕР И НАДГРАДЕН СОФТВЕР
Впрочем, оваа анализа требаше да има поинаков терк. Требаше да констатира кој го доби натпреварот во Охрид, со име и презиме, кој во круцијален момент „спушти ролетна“, кој постојано си „играше“ со централните играчи на домаќинот, кој беше непогрешлив, а кој одигра одлично во два правци.
Јас би издвоил тројца играчи, иако уште двајца ќе биде некоректно да бидат изоставени. „Малио“ од Битола веќе не е изненадување, туку додадена вредност. Ракометниот Брус Ли, кој одамна е „заминат“ накај Моцарт (ама заради автентичност не го прекрстуваме) е феномен кој следните години ќе се студира. Како антропологија, густина на мускулна маса, сврзливост на мускули, НО и карактер или спортски кажано cojones за сите пари. И третиот, кој според мене беше играч на натпреварот, „комодоре 64“ алиајас Мартин Велковски. Детето на Металург, од најозборуваната генерација ракометари родени ‘96/’97, уште како пионер и кадет покажуваше високо ниво на спортска интелигенција, техника надградба и логика во решавање на ракометни ребуси. Лева рака, која му даваше предност да биде во тие одбраните 8% во ракометот. Со распадот на неговиот клуб, замина во Битола, во градот кој „жив ќе те изеде“ ако не си вонсериски или шанкуре 2.0. Тешка средина за мирниот, повлечен и ненаметлив брат на фудбалерот Дарко Велковски, кој имаше и пех да се здобие со тешка повреда од која малку подолго од вообичаеното беше надвор од теренот. Сигнал за битолчани да „го поздрават“, но и шанса за Кралот да го рехабилитира. И физички и психички. Првата година во „рудникот на Кралот“ беше тешка. Уморен, нервозен, дополнително инертен и несреќен. Но, она што оваа година го гледаме од Мартин е најдоброто до сега. Со зацврстен хардвер и надграден софтвер. Одличен во два правци, физички, како никогаш до сега одлично подготвен, со подигната самодоверба, агресивност и веќе вообичаена интелигенција. Мартин е сидрото на тимот, атипичен бек кој не троши топки, игра за други и ужива во „сенката“ направена од перјаниците во тимот. Таков е ракометниот „комодоре 64“, прекар кој го доби на почетокот од втората декада од веков. Одигра одлична длабока зона на левите бекови на Охрид, украде „пар“ топки, влечеше транзиција, погоди тоа што требаше и подели неколку асистенции.
А толку невпечатлив на терен.
Бетер од Владимир Југовиќ во дресот на црвено-белите. Можеби најдобриот фудбалер на овие простори.
Се гледаме во сала!
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“