Хумана страница: Како да комуницираме со лица што имаат пречки во развојот?
Неколку карактеристики ги одредуваат начинот и типот на комуникација со лицата што имаат пречки во развојот. Пред да стапите во индивидуална или групна комуникација со такво лице (лица), најважно е да утврдите за каква пречка станува збор, за да можете со своите комуникациски вештини на посебен пристап да ја започнете саканата комуникација. Едно од најважните вештини е секогаш да бидете искрени и отворени, затоа што тие лица имаат божји дар да чувствуваат интуитивно и ако почувствуваат дека не сте искрени со нив, никогаш нема да можете да ја остварите таа комуникација. Второ што треба да знаете е на која возраст се, затоа што многу е различен пристапот со деца, млади и возрасни што имаат пречки во развојот.
Но, секогаш треба да се има на ум дека овие поединци се само навидум поинакви од нас, а во суштина се исти.
Тие исто создаваат, работат, пеат, сликаат, спортуваат, се забавуваат, живеат и умеат да бидат среќни и имаат исти чувства кон тагата!
Тие се дел од севкупното живеење на едно општество. Поради несовршеноста на човекот како суштество, хендикепот е нешто што реално го има секој човек. Уште во паганството кај африканските племиња се мешале стравот и почитта кон луѓето со пречки во развојот. За слепите се вели дека можат да ја видат и другата страна на нештата. Тоа е еден вид дарба, јасновидност. За глувите се вели дека се јаснослушци. За оние со физички пречки во развојот дека се духовни патувачи, а ментално хендикепираните се божји деца до чија невиност и капацитет ќе ни треба голем напор да допреме. Секој од нас има обврска да им помогне да нè разберат и да си помогнеме да ги разбереме. Воспоставувањето позитивен здрав комуникациски однос со овие лица ќе ни овозможи пред сè да проникнеме длабоко во себе и да им овозможиме вистинско место во нашата комуникација. Можеби тоа ќе придонесе за кратко време да видиме лице со некои пречки во развојот и на театарските штици, на музичката сцена, во водителска улога на некоја ТВ-емисија, во лидерска позиција на некоја партија, во научните лаборатории… со еден збор насекаде каде што и покрај своите пречки можат да остварат квалитетен професионален комуникациски однос.
А за да ги сфатите нештата поедноставно и поисправно обично служат приказните и старите мудрости. За крај една таква приказна ќе ви каже многу.
„Еден старец живеел сам во колиба во една шума. Секој ден се спуштал до блискиот поток со две стомни за да си налее вода. Стомните ги носел на рамената закачени на стап. Едната од левата, другата од десната страна.
По некое време едната стомна напукнала и од неа почнало да истекува вода. Поради тоа била многу тажна. Кога ја прашал дедото зошто е тажна, таа му рекла: Тажна сум затоа што од мене истекува вода, па се чувствувам помалку вредна од другата стомна, која е здрава.
А дедото ѝи рекол: Ти тагуваш без причина. Затоа што секој си има своја вредност, но ти не си ја знаеш својата. Јас секогаш ве носам на иста страна, тебе одлево, неа оддесно. Кога ќе стигнам дома се разладувам со водата што е зачувана во здравата стомна, но по патот по кој се враќам, од страната на која тебе те носам, цвеќињата се секогаш бујни и расцутени, затоа што редовно се полеани со водата што истекува од тебе, а цвеќињата од другата страна на патот се овенати. Гледаш ли дека твојата вредност е многу поголема од она што ти мислиш за себе – ја завршил дедото својата приказна.
(Текстот е дел од прирачникот за комуникација и развој на комуникациски вештини за деца и млади „Кажи ми да ти кажам“ од м-р по комуникациски
науки Татјана Гогоска)