Членките на Европската унија имаат поделени ставови за наводната одлука на Вашингтон да ѝ дозволи на Украина да изврши ракетни напади длабоко на руска територија. Повеќето влади стравуваат дека, доколку е точно, тоа може да предизвика нуклеарна војна што би била ужасна особено за Европа.
Досега имаше неколку официјални оценки за наводната одлука на претседателот Џозеф Бајден во ЕУ. Денешната изјава на шефот на француската дипломатија Жан Ноел Баро во Брисел дека Париз му „остава можност“ на Киев да користи француско оружје за напади внатре во Русија, додека Италија најави дека е против, зборува за различните позиции на европските дваесет и седум.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, доаѓајќи на состанокот на дипломатите на ЕУ во Брисел, нагласи дека италијанското оружје доставено во Киев „може да се користи само на украинска територија“.
Во исто време, Тајани подвлече дека Рим бара мировна конференција за војната во Украина на која би учествувале и Русите, Кинезите, Индијците и Бразилците, со цел, како што рече, „да се запре оваа безумна војна“.
Медиумите во ЕУ внимателно ги следат и известуваат реакциите во Москва, вклучително и предупредувањето на руски функционер дека светот денес е поблиску до нуклеарна војна отколку во времето на „кубанската криза“ во 1961 година.