Фото: МИА

Министерството за здравство информира дека двајцата пациенти кај кои беше извршена трансплантација на органи од починат донор се во добра општа состојба. Како што посочуваат, интервенциите се успешни, со уреден постоперативен тек и пациентите се веќе пуштени на домашно лекување.

– Двајцата пациенти кај кои беше извршена трансплантација на органи од починат донор се во добра општа состојба. Овие денови за нив се грижеа медицинските тимови на Клиниките за нефрологија, урологија и КАРИЛ. Им посакуваме успешно закрепнување – изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за транплантација.

Како што посочуваат од Министерството, благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа.

– Огромна благодарност за сите медицински тимови и болнички координатори вклучени во трансплантацијата – се вели во соопштението на Министерството за здравство.