Фото: Руски претседател/Твитер

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската Влада.

Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт објави дека за време на разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна“ против Украина и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите што ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.

Шолц, исто така, ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина за да се постигне праведен и траен мир и ја изрази непоколебливата решеност на Германија да ја поддржи Украина во нејзината борба – се вели во писмената изјава на Хебстрајт.

Тој додаде дека Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи повторно по разговорот со Путин.

Владата не соопшти колку долго разговарале Шолц и Путин, а германската новинска агенција ДПА објави дека разговорот траел околу еден час.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорот со германскиот канцелар Олаф Шолц рекол дека Русија никогаш не одбила да преговара за крај на конфликтот во Украина, додавајќи дека можните договори треба да ги земат предвид безбедносните интереси на Русија, да се засноваат на „новата реалност на терен“ и да се решат причините за конфликтот – соопшти прес-службата на Кремљ.

Кремљ објави дека Путин и Шолц имале „детална и искрена“ размена на мислења за ситуацијата во Украина.

Во разговорот Путин нагласил дека Русија секогаш ги исполнувала договорните обврски во енергетскиот сектор и дека е подготвена за заемно корисна соработка на тоа поле, доколку е заинтересирана и Германија.