Вредноста на биткоинот се искачи над 90.000 долари во средата поради зголемениот оптимизам на политичката сцена, при што некои аналитичари предвидуваат дека најпопуларната криптовалута во светот би можела да достигне вредност од 100.000 долари
На 12 ноември годинава биткоинот се искачи над 89.000 долари, поттикнат од ветувањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп дека САД ќе станат „главен криптоцентар на планетата“. Биткоинот сега вреди околу 1,74 трилион долари низ светот.
Криптоиндустријата верува дека победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори е силен знак за подем на биткоинот и другите дигитални валути. Иако Трамп некогаш беше скептик за биткоинот, тој целосно ја прифати дигиталната валута во последниве месеци – за разлика од администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден, која се обиде да ја заузди криптоиндустријата. Голема причина зошто Трамп го промени ставот за криптовалутите е бидејќи криптоиндустријата сега има финансиски удел. Во септември Трамп и неговото семејство започнаа нов криптобизнис наречен „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial).
– Таа е многу млада и многу расте. Јас верувам во тоа – рече Трамп за индустријата за криптовалути на 16 септември, при претставувањето на компанијата „Ворлд либерти фајненшл“.
Администрацијата на Бајден, напротив, беше многу поскептична кон криптовалутите. Претседателот на Комисијата за хартии од вредност, Гери Генслер, во јуни 2021 година, во еден од своите први говори на неговата тогаш нова функција, рече дека криптоиндустријата е „полна со измами и злоупотреби“.
Трамп во август истакна дека криптовалутите би можеле да ја „дефинираат иднината“, додавајќи дека сака тие да бидат „ископани, исковани и направени во САД“. Новоизбраниот претседател, исто така, предложи стратегиски национални резерви на биткоини, слични на американските стратегиски нафтени резерви, директно купување и инвестирање во криптовалути како мерка за национална безбедност.
Милијардерот Илон Маск, еден од највидливите и најсилни поддржувачи на Трамп, е и осведочен криптоподдржувач. Омилената дигитална монета на Маск, доужкоин, ја зголеми вредноста за повеќе од 20 отсто во неделата и растеше во текот на минатата седмица.
Криптоиндустријата се залага за амбициозен сплет на политики што ќе промовираат широко усвојување дигитални средства и ќе разгледаат кој е најдобро да ги промовира, бидејќи тие предвидуваат пријателски режим за криптовалутите под новоизбраниот американски претседател. Одлучувачката победа на Трамп и проектираното републиканско мнозинство во Конгресот го отвораат патот за значителен и траен ремонт на криптополитиката. Трамп ветуваше дека ќе биде „криптопретседател“, а водечките луѓе на индустријата велат дека тој сега има силен мандат да ги испорача таквите најави.
Криптоиндустријата сега притиска за мерки, вклучувајќи и за потенцијални извршни наредби за пристап на криптофирмите до банкарски услуги и за криптопријателски решенија.
– Имавме администрација што беше многу негативна и затоа со нетрпение очекуваме да го надминеме тој застој. Мислам дека гласачите во Америка многу јасно кажаа дека сакаат да го видат тоа – рече Мајк Белше, извршен директор на институционалната криптоплатформа Битгоу, кој беше домаќин на кампањата за собирање средства за Трамп во јули.
Биткоинот беше првата дигитална валута основана во 2009 година и останува највредната. Вредноста на криптовалутата значително се промени во јули 2011 година, кога цената на еден биткоин ескалира од 0,0009 долари на 15,4 долари. Во 2013 година, „Форбс“ го прогласи биткоинот за најдобра инвестиција на годината. Биткоинот започна да се тргува по сума од 13 долари во годината, премина 100 долари во април и забележа максимум од 1.242 долари до ноември.
Дигиталната валута се „засили“ во 2017 година, почнувајќи од вредност од 13 долари, преминувајќи 100 долари до април, а потоа вртоглаво се искачи на 19.783,21 долари во декември. За време на пандемијата на ковид-19 во 2020 година, додека централните банки печатеа пари, биткоинот – со фиксна понуда од 21 милион монети – „скокна“ од 7.161 на 28.993 долари до декември.
Во октомври 2021 година биткоинот го достигна дотогаш највисокото ниво на сите времиња од 66.975 долари. Во 2022 година беше забележан пад на цената на биткоинот, која до крајот на годината изнесуваше под 20.000 долари.
Биткоинот „тежеше“ 16.530 долари на почетокот на 2023 година, за да ја заврши годината со вредност 42.258 долари.
Вредноста на биткоинот сега се искачи над 90.000 долари во средата поради зголемениот оптимизам на политичката сцена, при што некои аналитичари предвидуваат дека најпопуларната криптовалута во светот би можела да достигне вредност од 100.000 долари.
Додека некои барања од индустријата би можеле да се случат брзо, како што се предлозите во полза на криптовалутите во финансиските регулаторни агенции, други, сепак, би можеле да потраат подолго, како што е носењето закон за создавање регулаторна рамка за дигитални средства.
Трамп, исто така, вети дека ќе создаде советодавно тело за криптовалутите. Иако не е јасно кој би можел да зазема функции во телото, криптодиректорите размислуваат кои личности би можеле да ги промовираат во клучни лидери во креирањето на криптополитиката во новата претседателска администрацијa.