Фото: од сајтот на „Бео Чиста Енергија“

Компанијата „Бео Чиста Енергија“ денеска во Винча го отвори првиот објект во Србија што користи отпад за производство на енергија. Централата за комунален отпад ќе служи за одговорно управување со отпадот, негова правилна употреба и подобрување на животната средина.

Термоелектраната „Винча“ има моќност од 30,24 мегавати електрична енергија и 50,5 мегавати топлинска енергија и обезбедува електрична енергија за пет проценти од домаќинствата во Белград и топлинска енергија за греење на 10 проценти од домаќинствата.

Директорот на компанијата „Бео Чиста енергија“ Владимир Миловановиќ изјави дека фабриката почнала со работа на 1 јули годинава, а дневно согорува нешто повеќе од 1.000 тони комунален отпад. Тој посочи дека системот за прочистување на издувните гасови на фабриката работи беспрекорно и дека емисиите на штетни гасови се значително под дозволените вредности.

Миловановиќ потсети дека граѓаните на Белград годишно создаваат повеќе од 600.000 тони комунален отпад, а капацитетот на фабриката е да преработи 340.000 тони отпад, додека остатокот се одлага на депонија.

Министерката за заштита на животната средина Ирена Вујовиќ изјави дека фабриката во Винча ќе придонесе за намалување на емисијата од 210.000 тони јаглерод диоксид годишно.