Донација од семејството Гогоски
Повеќе од 3.000 книги и стручна литература како донација за училиштата по македонски јазик во странство беа донирани неодамна во Агенцијата за иселеништво од Татјана Гогоска, ќерка на поранешната самостојна педагошка советничка и професорка по дидактика и педагогија Ленка Гогоска.
– Донацијата ја направивме како семејство, поради тоа што ѝ беше голема желба на мајка ми децата низ светот, но и наставниците да добијат вреден педагошки материјал за да се образуваат на македонски јазик. На почетокот идејата беше само педагошка литература, но по разговорот во Агенцијата за иселеништво, со директорот и соработниците, дојдовме до идеја да ја прошириме и со уметничка и духовна литература, која мајка ми, проф. Ленка Гогоска (родена Попоска), ја напиша низ годините. Бидејќи интересот од училиштата, библиотеките и црковните општини беше голем, решивме да донираме вкупно 3.000 книги распоредени во 100 пакети, кои ќе бидат распределени низ целиот свет од Канада и Америка, низ сите држави во Европа до Австралија и Нов Зеланд. Македонскиот јазик е благослов што го имаме за да го зборуваме и затоа треба да се негува – вели од името на семејството Татјана Гогоска.
Таа изразува благодарност до Агенцијата за иселеништво за професионалноста, емпатичноста и целокупната соработка во текот на реализацијата на овој потфат.
– Она што е предизвик за нас е втората желба и оставина на мајка ми, а тоа е да ги издадеме сите книги што таа ги напиша во последниве седум години, а не ги објави. Продолжуваме, таа да живее низ секој свој пишан збор – додава Татјана.
Агенцијата ги информирала иселеничките организации и училиштата по македонски јазик за донацијата и, како што соопшти, тие покажале голем интерес овој вид стручна литература да го збогати нивниот библиотечен фонд, како и да им биде од полза на наставниците што ја водат наставата по македонски јазик во странство.
26263