Секоја страница е нов подарок, скриено богатство што го откриваме само со љубопитноста и страста за знаење – тоа е магијата на книгата, вели Клисарова

Со авторката Јадранка Клисарова посетивме неколку училишта низ Македонија

Месецот на книгата започна на 15 октомври и трае до 15 ноември, а нашата истакната писателка за деца и возрасни Јадранка Клисарова го посвети на креативни средби со учениците од неколку основни училишта во земјава.
По покана на библиотекарката Љупка Стојменова ја реализиравме првата средба на 15 октомври во ООУ „Никола Карев“ во Кочани. Организиравме три различни работилници со учениците од второ, трето и од четврто одделение.

– На првата работилница, учениците од второ одделение најпрво се запознаа со поимот автор, што работи, како пишува и како создава книги. Ги запознавав учениците со моето творештво. Развивањето на љубовта кон пишаниот збор и книгата го продолживме со читање неколку песни за деца од збирката поезија „Песни за секое дете“ и на драмскиот текст „Во библиотека“.
Учениците со внимание го следеа читањето, а потоа илустрираа делови од прочитаните текстови. Љубопитноста кај учениците беше голема, тие ми поставуваа прашања на кои им одговарав со соодветни одговори за возраста.
Втората работилница беше посветена на анализа на обработената лектира „Децата од моето училиште“. Се разговараше за најубавите раскази, впечатоците што ги имаат, за пораките што ги извлекле и развивањето љубов кон читањето и книгите. Учениците поставуваа многу прашања, на кои се трудев да им дадам соодветни одговори.
Третата работилница беше посветена на креативното пишување, односно како на најинтересен начин може да создадат поезија или проза. Средбата со учениците ја завршивме со мислата од Виктор Иго, „Благородната душа и вистинскиот талент речиси секогаш се неразделни! – ни откри Клисарова.
Таа, по покана на библиотекарката Маја Тапарчевиќ, на 6 ноември била гостинка во ООУ „Александар Урдаревски“ – с. Сандево, Општина Чучер Сандево, по повод Месецот на книгата.

– Одржав две работилници, со учениците од трето и работилница со учениците од шесто до деветто одделение. Целта на работилницата со учениците од трето одделение беше развивање љубов кон книгата, создавање навики за читање лектира, развивање способност за размислување и извлекување пораки и поуки, запознавање со ликовите и идентификување со некои од нив. Се дискутираше и за обработената лектира „Децата од моето училиште“, чиј автор сум јас, за најубавите раскази, впечатоците што ги имаат, за пораките што ги извлекле и за развивање љубов кон читањето и книгите. Учениците покажаа какви активности направиле за време на обработка на лектирата – ни рече Клисарова.
Втората работилница беше насловена „Креативна работилница за читање и пишување за ученици од шесто до деветто одделение“.

– Активноста ја започнавме во прекрасно уредениот двор на ООУ „Александар Урдаревски“ – с.Сандево, со краток вовед, зошто читањето и пишувањето се важни алатки за изразување и личен развој, со раскажување интересна приказна за тоа како јас го започнав мојот пат на творештвото. Целта на средбите е развивање љубов кон книгата, создавање навики за читање и развивање способност за творење и создавање свои лични песни и раскази – посочи авторката.
По покана на библиотекарката Мирјана Накова и одделенската наставничка Маја Младеновска, на 7 ноември таа го посетила ООУ „Љубен Лапе“ – Скопје, каде што темата на работилницата со учениците од 3-3 одделение била „Книгата-подарок што го добиваш со секоја свртена страница“.

– На децата им поставив неколку прашања, меѓу кои: Што, според вас, значи книгата како подарок? Се надевам дека оваа дискусија со учениците ќе ги воведе во темата и ќе ги поттикне да размислат за личните врски со книгите. Книгата како подарок значи давање нешто повеќе од обичен предмет – тоа е подарок со длабочина и значење. Кога подаруваме книга, даваме можност за нови знаења, инспирација, емоции, и размислување. Со секоја страница, читателот добива нова перспектива, нов свет за истражување,и нови идеи што можат да влијаат на неговиот живот. Книгата може да отвори врати кон непознати светови, да предизвика емоции и да нè поврзе со ликови и приказни што остануваат со нас долго време. Тоа е подарок што трае, бидејќи може да биде препрочитан, споделен и да го поттикне читателот да расте. Учениците поставуваа прашања и со дискусија и добра мисла ја завршиваме работилницата. Секоја страница е нов подарок, скриено богатство што го откриваме само со љубопитноста и страста за знаење – тоа е магијата на книгата – вели Јадранка Клисарова.


Кига и дете

Книгата кај секое дете
желба за знаење буди,
како пламен в срце
книгата знаење руди.

Книгата кај секое дете
мудрости точи,
го води во светот на бајките
сонува со отворени очи.

Книгата е најверен другар
како мајка и татко зрачи,
другарувај со неа
таа секому живот значи.

Секој ден со неа се дружиме,
песни и раскази читаме,
ни отвора нови видици,
со неа, кон иднината итаме.

Автор: Јадранка Клисарова