Во околината на Прилеп безмилосно се исфрла отпад и по патиштата кои водат кон православните храмови. Ново жариште на диви депонии околу патот за селото Селце и манастирот „Св. Димитрија“.
-Несовесните граѓани изминативе години ги запоседнаа со истурање на градежен шут и комунален отпад сите убавини околу градов, тие немилосрдно последниве години истураат отпад и кон Селце. Жителите на Прилеп ова место го користат за чести прошетки до манастирот и до Топташ и редовно реагираат до нас, велат од ЈКП „Комуналец“ и додаваат:
– Комуналците со градежна механизација и траспортни товарни возила ги исчистија сите поголеми и помали диви депонии на оваа локација. И покрај заложбите на комуналците и трошоците кои се прават акциите за чистење не вродуваат со плод. Несовесното одлагање на отпадот и уништувањето на природните убавини никако да престанат. Покрај несовесни граѓани, тука се и градежните фирми на кои профитот им е поприоритетен од заштитата на животната средина која е и за генерации по нас, велат од ЈКП „Комуналец“, од каде потенцираат дека без законски казнени мерки не им можат ништо на несовесните уништувачи на природата.
Години наназад се врти во круг, исчисти – потроши и пак истури отпад на надезволено место, па повторно чистење и така до недоглед.
Затоа од „Комуналец“ апелираат градежниот отпад да се депонира во депонијата во Алинци, која е одалечена исто колку и сите ново создадени диви депонии околу градов. Габаритниот отпад комуналците го подигаат секој четврток по претходна најава, а за градежниот шут се достапни контејнери по пристапни цени.
Ка.М.