Босански „Дејтон“ во македонско издание?!

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав како „конститутивен народ“ најмалку има врска со нивните малцински права

Истакнати меѓународни уставни и политички експерти предупредуваат: кога одредено национално малцинство ќе добие статус на уставно признаен „конститутивен народ“, тогаш по автоматизам добива право на самоопределување до отцепување од државата во која живее. Вакво право би имале и трите илјади Бугари во Македонија доколку станат дел од нејзиниот устав, бидејќи се бара да влезат во неговата преамбула не како малцинска група, туку како „конститутивен народ“. Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав најмалку има врска со нивните малцински права. Тоа е отворање „мала врата“ не само за бугаризација на македонскиот народ туку и за распад на Македонија како држава, со цел на нејзината територија да се формираат пробугарски и проалбански државен ентитет.

Урсула фон дер Лајен не одговори дали се прифаќа предлогот на премиерот Мицкоски

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му порача на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на 24.10.2024 година во Скопје дека „треба да поминат уставните измени, за кои се согласила државата да ги направи“. Лајен не одговори дали се прифаќа предлогот на премиерот Мицкоски и Владата за уставни измени со одложено дејство како „прифатливо решение, кое ќе претставува заштита од подоцнежни условувања од Бугарија“. Според тој предлог, Бугарите би биле внесени во Уставот сега, но оваа промена би влегла во сила, откако земјата ќе влезе во ЕУ. Повикот на Лајен со „решителен чекор напред“ да се промени Уставот е дополнителен притисок врз Македонија да ги вметне Бугарите во Уставот, откако беше одвоена од „евроинтеграцискиот пакет“ со Албанија.
Напоредно со меѓународните чинители и албанските партии и од позицијата и опозицијата во Македонија вршат притисок врз Владата и премиерот да се впишат Бугарите во преамбулата на Уставот колку што е можно побргу и да започнат преговорите со ЕУ. Во овој контекст на 10.10.2024 година Ријад Шаќири, пратеник во Собранието од Вреди, која е дел од владејачкото мнозинство, изјави дека „ако не се случат уставните измени и ако не е заинтересирана Македонија за евроинтеграциите, тогаш не треба да постои како држава“.

Д-р Томас Бреј, доцент во Катедрата за политички науки и новинарство на Универзитетот „Дуисбург“, Германија: Бугарија бара Македонија да ја толкува поинаку својата историја, на начин прифатлив за Бугарија!

Да фрлиме поглед кон целината на бугарските барања кон Македонија, оти „Бугари во устав“ е само едно од нив.
Токму најпластично разјаснување во врска со суштината на бугарските барања содржи статијата со укажувачкиот наслов „Бугарија бара од ЕУ да го сопре ‘лажниот‘ македонски идентитет“, објавена на 23.9.2020 година на порталот на „Дојче веле“. Во неа Борис Георгиевски напиша дека Бугарија во „Објаснувачкиот меморандум за С. Македонија и проширувањето на ЕУ“, испратен до 26-те членки на ЕУ, наведува: „Луѓето со словенско потекло, што живеат во С. Македонија, се Бугари, кои зборуваат бугарски јазик. Ним за време на комунистичкиот режим на Тито во Југославија вештачки им бил даден нов ‘македонски’ идентитет и јазик. Проширувањето на ЕУ не смее да го легитимизира овој етнички и јазичен инженеринг“.
Од друга страна, во аналитичката статија со наслов „С. Македонија: Колку долго пред да може да влезе во ЕУ?“, објавена на порталот на „Дојче веле“, д-р Томас Бреј (Thomas Brey), доцент на Катедрата за политички науки и новинарство на Универзитетот „Дуисбург“, во Германија, наведува дека Бугарија бара Македонија „да ја толкува поинаку својата историја, на начин прифатлив за Бугарија“ и „три илјади припадници на бугарското малцинство во С. Македонија да се споменат како еден од ‘конститутивните народи’ во македонскиот устав“. Бреј посочува и дека официјална Софија бара од Македонија „да прифати оти македонскиот јазик не е посебен јазик, туку западнобугарски дијалект“ и дека „не постои македонско малцинство во Бугарија“.
Сегашниот македонски вицепремиер Александар Николовски уште во 2022 година изнесе став, свој и официјален на ВМРО-ДПМНЕ, која е денес на кормилото на македонската држава.
– Со бугарските ставови и барања се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Ако Македонија прифаќа бугаризација, ќе напредува кон ЕУ, но ако не прифаќа, што е став на огромното мнозинство од македонскиот народ, нема да напредува кон ЕУ – кажа тогаш Николовски.

„Триилјадно бугарско малцинство како конститутивен народ“ – уставен апсурд!

Барањето на Бугарија да се впишат Бугарите во Уставот на Македонија не е содржано во преговарачката рамка, туку во вториот протокол меѓу владите на Македонија и Бугарија, потпишан во 2022 година од тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како „договор за спроведување на Договорот за добрососедство“. На 17.6.2022 година македонскиот информативен портал „Пресинг.тв“ ја пренесе статијата на бугарската новинска агенција БГНЕС со целиот текст на „нацрт-заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со С. Македонија“, во кој е вметнато барањето „Бугари во устав“.
– Советот на ЕУ ја поздравува намерата на С. Македонија приоритетно да иницира и да спроведе релевантни уставни измени, со цел во преамбулата на Уставот да се вклучи… и дел од други народи, како што се Бугари – стои во точка 4 на тој „нацрт-заклучок“ на Советот на ЕУ.
Овде доаѓаме до еден од клучните моменти во оваа ситуација: уште од октомври 2021 година, Зоран Заев како тогашен премиер и Бујар Османи како тогашен министер за надворешни работи на Македонија, во нејзино име прифатиле Бугарите да бидат наведени во највисокиот правно-политички акт на македонската држава, и тоа не како малцинство, туку како нејзин „конститутивен народ“! Во информацијата со наслов „Заев изјави дека прифаќа најголем дел од бугарските барања“, објавена на 7.10.2021 година, англиското издание на македонскиот информативен портал „Република“ објави: „Бугарија издаде долга листа на строги барања насочени кон Македонија и Заев денеска брзо се согласи на едно од нив – македонскиот устав да се измени и Бугарите да се вбројат меѓу другите конститутивни народи на Македонија“.
Германскиот политички и медиумски експерт Томас Бреј посочи не случајно на формулацијата на тоа барање: „Три илјади припадници на бугарското малцинство во С. Македонија да се споменат како еден од ‘конститутивните народи’ во македонскиот устав“. Уставен и политички апсурд е да се бара три илјади припадници на малцинска група во Македонија, бугарската, да се споменуваат како „конститутивен народ“ во Уставот! Но дали не може да стане реалност тој уставен и политички апсурд со помош на меѓународно спонзориран „политички и уставен инженеринг“ во случајот на Македонија, кога и ако кон трите илјади попишани Бугари во Македонија би се додале и оние наводни „околу 120 илјади македонски граѓани – иматели на бугарски пасоши“?!

План од меѓународните кујни за „дејтонско редефинирање“ на Македонија како држава

Во магистерскиот труд со наслов „Политичкиот систем и правата на националните малцинства во Босна и Херцеговина“ од октомври 2023 година, Амела Јашаревиќ (Amela Jašarević) истакнува дека „поимот ‘конститутивен народ’ стана уставна норма, откако е воведен во уставниот систем на Федерацијата Босна и Херцеговина со потпишувањето на Вашингтонскиот мировен договор од 1994 година и на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година.“ (стр.20-24). По 90-тите години на минатиот век, Босна и Херцеговина стана федерација на три ентитета: на конститутивниот српски, хрватски и бошњачки народ. Веќе денес ентитетот Република Српска бара издвојување и обединување со Србија. Што би се случило со Република Македонија, односно со „С. Македонија“, ако „се редефинира дејтонски“ од сѐ уште формално унитарна држава во федерација на ентитет со „бугарски конститутивен народ“ и ентитет на некој „втор конститутивен народ“?
Во овој контекст треба да се има предвид изјавата на Арбен Таравари од 8.2.2023 година, еден од лидерите на коалицијата Вреди: „Ако не бидат внесени Бугарите во Уставот и ако се загрози со тоа европската перспектива на Македонија, можни се радикализација на албанските партии и зголемување на фрустрациите кај Албанците, како и појава на идеи за реорганизација на државата“. Има кажано и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, барем неколкупати дека „Албанците се државотворен народ, а не малцинство“.
Ова ќе биде повод во политичката анализа со наслов „Со ракописот на Али Ахмети не беа испишани зборовите мир, соживот, просперитет…“ од 7.11.2023 година во весникот „Нова Македонија“ да се сумира: „Пораките на Ахмети се дека Албанците се државотворци во Македонија под знамето на соседна Албанија. Силно инсистира и Бугарија на внесување на бугарското малцинство во Уставот, за да стане државотворен народ. Така конечно да се затвори прашањето за голема Албанија и санстефанска Бугарија, на штета на Македонија и македонскиот народ“.
Бугарија и нејзиното барање да се внесат трите илјади Бугари како „конститутивен народ“ во Уставот на друга држава, на Македонија, наспроти тоа што во Македонија има само еден вистински конститутивен, државотворен народ – македонскиот народ, што се потврдува и со решенијата на АСНОМ од 1944 година, споредбено го поврзуваме со Шпанија, развиена западна држава со мултиетничко општество, исто така.
Во научната студија со наслов „Демократско граѓанство и шпански мултинационален (не)поредок-растројство: процедурална демократија наспроти клаузула за отцепување“ од 2013 година, Хозе А. Санз Морено, професор по уставно право во Факултетот за политички науки на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, изнесува серија аргументирани предупредувања што значи постоењето на категоријата „конститутивен народ“ во Уставот на една земја. Тој нагласува дека, ако едно национално малцинство добие статус како конститутивен народ во одредена држава, ќе има право на територијална автономија и на самоопределување до отцепување од неа, како и право на создавање своја нова држава.
– Затоа во Шпанија националните малцинства не можат да претставуваат конститутивни народи – заклучува професорот Морено во својата студија (стр.739).

Михаел Мартенс за „Франфуртер алгемајне цајтунг“: Мицкоски Треба да биде охрабрен да не го менува Уставот

Што да се прави во оваа ситуација, во која се поставени македонскиот народ и Македонија, но и сите други нејзини граѓани?
– Мицкоски треба да биде охрабрен да не го менува Уставот, бидејќи ЕУ, Бугарија, Берлин и Париз бараат тоа да се направи во име на непостојната „ЕУ-перспектива“ – укажа на 25.5.2024 година коментаторот и познавач на Балканот, Михаел Мартенс, за германскиот весник „Франфуртер алгемајне цајтунг“.
Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав како „конститутивен народ“ најмалку има врска со нивните малцински права. Тоа е отворање „мала врата“ за еден можен натамошен развој на ситуацијата во Македонија.
– Малцинствата не би требало да бидат признавани како конститутивен народ, бидејќи ќе добијат право на сецесија, на отцепување – пишува во научната студија со наслов „Меки граници: Преиспитување на суверенитетот и демократијата“ на Џулија Мостов, професорка по политички науки од Универзитетот „Њујорк“, во САД (стр.67).
Македонија е во крајно сложена и неповолна ситуација, но нејзиното државно раководство мора со мудри потези да се обидува да го „изамортизира“ растечкиот притисок на меѓународните чинители за менување на Уставот, едновремено одбегнувајќи контрапродуктивни натамошни заострувања на меѓудржавните односи со Бугарија. Во еден таков контекст, потребни се големи напори за „амортизирање“ и на внатрешниот политички притисок на албанскиот политички чинител, кој исто така ќе се зголемува.

Автор: Свето Тоевски

Авторот е долгогодишен новинар, независен социоекономски и политички аналитичар и магистер по политички науки.

Teкстот се објавува со редакциско приспособување