Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, но истакнува дека мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин.
На новинарско прашање Мицкоски денеска истакна дека со големо внимание пристапува во комуникацијата со граѓаните.
– Не, не сум го видел. Инаку, јас дневно добивам многу писма и ги читам, добивам многу пораки, и со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин, така постапува одговорна Влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити ние не играме фудбалчиња, ние работиме и сме одговорни – рече Мицкоски, кој одговараше на прашања по увидот на работите за изградба на автопатот Гостивар Букојчани на Коридор 8.
Како што соопшти претходно ДУИ, писмото од Ахмети е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.
ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, како што наведуваат од партијата, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.
– ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузивноста, кои се темели на напредокот на Северна Македонија и нејзината европска иднина – стои во соопштението.