Канти за отпад со уникатни еколошки пораки
ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово, во соработка со „Мен енд маунтен“ и со поддршка на невладината организација „СОН“ од Гент, Белгија, ги исчистија речните корита во центарот на Куманово. Во овој дел од реката се наоѓа и парк за рекреација, кој постојано е посетуван од граѓаните и загадуван со отпад.
Општина Куманово, со поддршка од провинцијата Источна Фландрија во Белгија и невладината организација „СОН“, токму во овој дел од градот постави 16 нови канти за отпад „генералка“. Во акцијата и чистењето на речното корито учествуваа вработените од ЈКП „Чистота и зеленило“ и волонтери од здружението „Кумановски акцијаши“, со голема поддршка од администрацијата на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски. На секоја од кантите за отпад се напишани уникатни пораки на македонски и на албански јазик: „Создавај и не уништувај“, „Фрлете го тука вашето ѓубре – не вашата иднина“, „Твојот град – твој дом“, „Биди решение, а не загадување“, „Користете ме, но не ме злоупотребувајте“, „Загадувањето значи твое труење“, „Престани да зборуваш – почни да делуваш“…
Идејата е да се издигне свеста на граѓаните и овие пораки да натераат секој што ќе помине оттаму и ќе ги прочита да размисли за својата одговорност кон околината и заедницата.
– Иако симболичен, ова е многу значаен проект за нас. ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово, со поддршка од провинцијата Источна Фландрија од Белгија и во соработка со невладината организација „СОН“ од Гент, Белгија, во текот на вчерашниот ден го исчистија речното корито на градскиот кеј и поставија 16 нови канти за отпадоци. На секоја канта за отпад се испишани наменски и специфични пораки до граѓаните за тоа како треба да се однесуваат за да ја заштитат животната средина и да го чуваат нивниот град чист. Ова е мотивирачки пример како да ги означиме и другите места во градот со вакви специфични пораки до сите граѓани. Градот Куманово е благодарен – вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Директорот на јавното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски, во придружба на заменик-директорката на претпријатието, Цветанка Ивановска, апелира до граѓаните да се придржуваат до хигиената и ги повика другите организации што почесто да иницираат вакви еколошки акции.
– Пораките на кантите имаат намера да им укажат на граѓаните да фрлаат отпад на соодветно место. ЈП „Чистота и зеленило“ ги поддржува сите вакви акции и ги охрабрува и другите организации да иницираат и да организираат еколошки акции, а ние со нашиот потенцијал и механизација секогаш сме им на располагање. Апелираме до граѓаните да се придржуваат до хигиената – вели Стојановски.
„СОН“ е нова белгиска невладина организација со фокус на културата и општеството.
– Среќни сме што можеме да го поддржиме градот Куманово за да создаде поеколошка средина за целото општество – велат Јан Хозе, претседател на „СОН“, и Катинка Димкароска, членка на управниот одбор.