Фото: Фестивал „Песните на Тоше Проески“

Првиот интернационален натпревар во пеење „Песните на Тоше Проески“, во организација на „Естрада мултимедија центар“, се одржа вчеравечер на сцената на Националната опера и балет во Скопје, на која дваесетина млади пејачи од целиот Балкан, но и од Русија, Украина, Малта и од Израел, во живо ги отпеаја песните на една од најголемите македонски музички ѕвезди, Тоше Проески. Ѕвезденото момче со ангелски глас, кое од Крушево тргна да го освојува светот, сѐ до кобниот 16 октомври 2007 година, беше на чекор до светска слава. Синоќа повторно одекнаа хитовите пред публиката, кои беа дел од блескаваата музичка кариера на балканскиот славеј.

Учесниците, кои беа на различна возраст, со огромна желба, на најдобар начин да се претстават, многу емотивно, повторно нѐ потсетија на хитовите: „Тајно моја“, која ја слушнавме во неколку различни верзии, како и „Среќна ли си ти“ и „Цреша“, а уживавме и во изведбата на „Боже чувај ја од зло“, „Љубена“, „Једина“, „Соба за тага“, „Полско цвеќе“, „За овој свет“….

Фото: Фестивал „Песните на Тоше Проески“

Меѓу инсертите од животот на Тоше што течеа на големиот екран, се слушаа и звуците на хитовите на кои тој им даде душа. А песните на Тоше се тешки за пеење, бараат многу талентирани грла и умешност, па затоа и беа голем предизвик за сите учесници, избрани од страна на жирито, кое го сочинуваа членовите на Бендот на Тоше. Но, сите дадоа сѐ од себе на овие мелодии, да им вдахнат нешто свое, но и да го продолжат нивниот живот.

Според директорот Марјан Катароски, токму тоа е и целта на фестивалот.

– Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пеат, а истовремено да успееме да им дадеме една друга димензија – вели Катароски.

Фото: Нова Македонија

Тој е промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во земјава и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали. Години наназад со својот ангажман го носи светот во Македонија, но и на нашите млади артисти им овозможува да покажат во меѓународни рамки, што сѐ знаат и умеат, па и да освојуваат највисоки награди.

Песната „Тајно моја“ беше меѓу најомилените кај обожавателите на Тоше, а така беше и вчеравечер и кај учесниците, бидејќи токму таа беше најмногу изведувана. Музиката за „Тајно моја“ е на маестро Кире Костов, а текстот е на извонредниот текстописец Огнен Неделковски.

Публиката сите ги награди со топол и долг аплауз, а имаше и ракоплескање за време на изведбите.

Фото: Фестивал „Песните на Тоше Проески“

Голем аплауз доби Никола Мукиќ од Црна Гора, кој ја пееше „Једина“, а сите ги раздвижи Маја Маринчиќ од Словенија со изведбата на „Заувјек твој“, додека Едина Бајтаревиќ од Босна и Херцеговина беше најоригинална. Таа сите ги одушеви со пеењето од стомак на песната „Полско цвеќе“. Македонците Филип Шабаноски и Илија Јовчев имаа одлични настапи и бурно беа награден за интерпретацијата на песните „Среќна ли си ти“ и „Цреша“. „Тајно моја“ ја испеа и малечката гостинка од Украина, Софија Климентиева, која има пречки со видот, а на крајот Нела Манчевска ја отпеа химната на сите деца „За овој свет“, со голема поддрша од публиката. И со причина бидејќи таа е добитничка на највисокото признание на фестивалот, „Гран при“.

За пофалба беа и квалитетниот звук, сценографијата, интересното решение на режисерот на настанот сѐ да тече без застој и да нема празни одови. Во тоа ќе се уверат и ТВ-гледачите, бидејќи Македонската телевизија го снимаше фестивалот.

Гласот што ги најавуваше изведувачите и нѐ потсети на ѕвездените мигови на Проески, беше на младата ТВ-водителка Симона Илиеска.

Фото: Фестивал „Песните на Тоше Проески“

Се надеваме дека по овој прв фестивал „Песните на Тоше“, тој ќе продолжи да живее и од година в година ќе биде сѐ подобар и помасовен, ќе се пеат и други хитови што ги интерпретираше Проески, а на тој начин овие мелодии ќе се сочуваат и ќе станат дел до нашата колетивна меморија.