Лидерот на ДПА Мендух Тачи и официјално се разделува со Европскиот фронт предводен од ДУИ. По неколку денови молк и шпекулации во јавноста, веста ја потврди лично тој во телевизиско гостување синоќа, но не откри дали ќе дејствива како самостоен пратеник. На што се должи разидувањето во коалицијата повеќе детали не соопшти, но не штедеше на пофалби за политичката сила на ДУИ која, како што рече, ја гледа како победник во државата.
-Сто дена се малку за да се анализира работата на една Влада. Причината зошто отсуствував на прес-конференцијата за стоте дена за владеењето на Владата организирана од ‘Европски фронт’ е поради тоа што јас и ДПА веќе нема да бидеме дел од фронтот… Дефинитивно… ДУИ го победи ВЛЕН по бројност, по пратеници, по се. Никој не може да ме убеди дека ВЛЕН е појак од ДУИ, никој. ДУИ може дури и да наметне некакво дејство за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма – изјави Тачи за ТВ Клан.
Иако коалициските партнери на Тачи изминативе денови избегнуваа да го коментираат неговото излегување од коалицијата, од ДУИ денеска со став дека тој и понатаму ќе делувал опозициски и ќе ги поддржувал политиките на Али Ахмети во Собранието. Според нив пратеничката група е единствена и уверени се дека нема да има дополнително ситнење на Европскиот фронт. За тоа што ќе се случува во коалицијата, велат одлучуваат политичките лидери и пратениците во неа.
-Ставовите на Мендух Тачи тој самиот ги објави вчера и јас мислам дека тој беше доволно јасен за да се стекне впечаток дека тој ќе продолжи да делува како опозиција и ќе има редовни консултации со претседателот на ДУИ Али Ахмети. Што се однесува до парламентраната група, коалицијата Европски фронт ќе продолжи да дејствува засега опозициски и во полн состав – изјави поранешната пратеничка од ДУИ Арта Биљали Зендели, пренесе „Канал 5“.
Потегот на Тачи за владејачката колаиција „Вреди“ не е изненадување, а еден од лидерите Биљал Касами го оцени како почеток на распадот на Европскиот фронт.
Лидерот на ДПА во синоќешното интервју откри дека имало разговори меѓу Европскиот фронт и ВМРО-ДПМНЕ за евентуална коалициска Влада, на кои, како што рече, тој бил главен преговарач. Вели дека тогаш му било понудено од ВМРО-ДПМНЕ тој да биде претседател на Собранието, но потоа, како што кажа се премислиле и предложиле тоа да биде Македонец, што според Тачи било крај на средбата.