Во Скопје синоќа се одржа јубилејната, 20-та „Бела ноќ“, која град Скопје секоја година ја организира во првата сабота од октомври. Институциите од културата беа отворени за публиката, која можеше бесплатно да посети изложби, концерти, перформанси, проекции, работилници…
Во центарот на Скопје имаше претстава на отворено со улично дефиле, „Сонот на Ербер“, во изведба на француската театарска трупа „Кидам“. Настанот го организираше Францускиот институт во Скопје по повод 50-годишнината од своето постоење.
– Пет обемни фигури, високи четири метри, на познатата театарска група од Франција, низ волшебна музика ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…- стоеше во соопштението на Францускиот институт за изведбата на трупата „Кидам“ која има до 150 настапи годишно низ целиот свет.