Една незаборавна ноќ во Берлин

Кон филмот „Викторија“ (2015)

Малку се филмовите во историјата што навистина ќе ве остават да размислувате во ноќта и ќе останат долго во вашето сеќавање. Можеби овој филм не е од рангот на легендарните „Персона“, „Влез во празнината“ или „Одисеја 2001“, но гледањето на „Викторија“ на германскиот режисер Себастијан Шипер прави да чувствувате дека сте наишле на рајска раскошна оаза полна со живот и убавина, која одненадеж се појавила среде сурова пустина од еднобојни филмови. Овој филм е апсолутно уникатно естетско, визуелно и стилско доживување, кое без сомнение ќе ги задржи вашите очи широко отворени сакајќи да ги впиете секоја боја, нота и збор, кои се совршено компактно сложени во ова речиси неоткриено филмско ремек-дело на европската кинематографија. Во купот од празни, бледи, предвидливи акциски трилери, со здодевни рамни партитури на холивудски суперѕвезди што изведуваат празни сценарија, „Викторија“ е прекрасна комбинација на акција и емоции, на прекрасна актерска и кинематографска изведба. Тоа е филм за осаменоста, ненадејното пријателство и љубовта, филм за младоста, потрагата по смислата на животот и неуспехот.
„Викторија“, чиј косценарист и режисер е Себастијан Шипер, кој е познат и како актер, ја следи младата истоимена Шпанка (Лаја Коста), која неодамна се преселила во источен Берлин и работи како келнерка во кафуле. Нејзиниот навидум наивен и безопасен флерт со локален тип (Фредерик Лау) во улогата на Соне станува потенцијално смртоносно опасен, бидејќи нивните ноќни излегувања со неговите пријатели Боксер (Франц Роговски), Блинкер (Бурак Јигит) и Фуб (Макс Мауф) откриваат опасна тајна. Додека шетаат низ празните улици на срцето на „главниот град на ноќниот живот“, Викторија и Соне постепено развиваат емоции и љубовна врска што ќе предизвика многу неволји и ќе ги смени нивните животни судбини. Во часовите на длабока ноќ пречекувајќи ја неизвесноста што ја носи младата зора, Берлин ги впива овие млади луѓе желни за адреналин и возбуда приредувајќи им искуство што никогаш нема да го заборават. Берлин како Берлин, град што е повеќе од само град, кој фасцинира со својот слободен дух, можеби од „Небото над Берлин“ на големиот Вим Вендерс па досега, никогаш не изгледал поубаво, поинтересно и попредизвикувачки на филмското платно. Себастијан Шипер, кој е технички импресивен како режисер, можеби своето кинематографско искуство почнал да го збира уште од неговото појавување како глумец во еден од најпознатите филмови снимени во Берлин, „Трчај Лола трчај“, па овој филм го снима буквално во еден кадар. Овој начин на снимање е уникатно режисерско раскажување на една приказна што е ретко видена.

Снимајќи го филмот со помош на „канон Ц300“, Шипер немал потребна дозвола за снимање длабоко во ноќта од страна на берлинските власти, па така, тој со својата екипа, во герилски стил, морал да ги стопира возилата и да ги пренасочува граѓаните за да се осигури дека камерите ќе бидат непречени. Пристапот со еднократна употреба на камера овде не е стилизиран како на пример во „Бирдмен“ на Алехандро Ињариту и е сосема поинаков бидејќи е недопрен и непрочистен. Можеби ќе личи на клише, но ваквата употреба на камерата прави гледачот да помисли дека е уште еден од карактерите што заедно со ликовите учествува во нивните авантури.
Се чини дека бил потребен огромен напор да се подготви целото снимање, кое нѐ носи на различни места, улици, продавници, згради, ноќни клубови низ магичниот Берлин, но впечатокот и резултатот од таквиот напор се спектакуларни. Филмот започнува со прв кадар во кој убавата и нежна Викторија танцува сама во ноќен клуб. Камерата се движи околу неа давајќи ѝ фокус на централна личност, а околу неа кружат разни ликови што пробуваат да ѝ се додворат. Сцената наликува на дивина во која глутница волци се обидуваат да уловат ранлива невина срна. Иако дејството знае да стежне на очните капаци во првиот час, пристапот на Шипер кон градењето на приказната е максимално хипнотично и опсесивно. Таа очигледно е осамена и бара пријателство. Но кој би замислил добар исход за неа во едно такво сценариско опкружување?
На Шипер се чини му треба премногу време за да ги запознае гледачите со својата потесна листа на ликови, фокусирајќи се првенствено на хемијата помеѓу Викторија и Соне и нивната околина. Голем дел од дејството е прекриено со мистерија.
Коста и Лау се фантастични во улогите на Викторија и Соне.

Нивната актерска структура станува психолошки многу посложена и се развива многу поинтензивно во вториот час од филмот. Колку и да стануваме сè позагрижени за Викторија во овие непланирани ситуации во кои се наоѓа, таа почнува да покажува нервозна, одлучност, сила и адреналин покажувајќи се како снаодлива и способна да се справи со секоја неволја, рамноправно со другите момци. Тоа е интересен пресврт за нејзиниот лик, кој е роден од очај и потреба. Тоа го прави ликот на Викторија апсолутно допадлив, неодолив и волшебен за гледање. Таа е целосно посветена во нејзината улога и во суштина, таа е причината поради која функционира „Викторија“. Имајќи ги предвид „живата камера“, акциите што ги има во голема мера и тензијата на дејството, кое речиси и да не прекинува во текот на целиот филм, кој трае речиси два и пол часа, не е чудо на крајот на филмот да го почувствувате и вие заморот што го чувствува Викторија. Но тоа никако нема да го намали чувството на задоволство.
„Викторија“ е моќен филм со многу емоции. Балансирањето со многу експериментални техники, спојот на одличен кастинг, тензична музика и неоноар-стил го прави овој филм еден од најуникатните филмови во поново време.