Фото: Министерство за култура

Министерот за култура, Зоран Љутков, денеска изјави дека скопската Универзална сала станала ничија и не се знае кој управува со неа, ниту, пак, под чие владение е. Тој најави кривични пријави затоа што, како што рече, Министерството за култура незаконски ја преземало, но не прецизираше кому ќе му биде поднесена пријавата.

– Ние како министерство, како владина институција, по закон не можеме да финансираме или да градиме објект што е локална установа. Уште малку имаме да за да ги финализираме работите и ќе ја кажеме точната ситуација за Универзална сала, на посебна прес-конференција ќе ја појасниме постапката од почеток до крај за да не бидат во заблуда ни граѓаните, ниту институциите – рече Љутков на денешната прес-конференција.

На прашање од новинарите – против кого се ќе биде поднесена кривичната пријава – Љутков немаше конкретен одговор, но рече дека од кривичен прогон не ја исклучува неговата претходничка Бисера Костадиновска Стојчевска, во чие време беше преземена Унивцерзална сала.

Љутков рече дека ќе продолжи изградбата на Универзална сала во Скопје и уверува дека до крајот на 2028 година таа ќе биде повторно функционална.

Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Потоа на владина седница беше усвоена информацијата за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, од Град Скопје на Министерството за култура. Реконструкцијата на објектот почна во 2021 година, но потоа целиот проект беше стопиран од актуелната градоначалничка Данела Арсовска со објаснување дека е небезбеден.