Оваа година, „Арт генератор“ со делегирана надлежност од Општина Велес е организатор на „Фестивалот на џез, светска и современа музика“ по третпат. Фестивалот е основан и финансиран од Општина Велес. Програмата на фестивалот ќе биде распоредена во седум фестивалски дена од 29 септември до 27 октомври. Ова трето издание останува интернационално. Ќе настапуваат артисти од Франција, Германија, Финска, Грција, Австралија и од Македонија.
Утре (сабота) во Спомен-костурницата во Велес, со свој перформанс ќе настапат Џејмс Вајли и Егли Катсики (Aвстрија/Грција), а по завршувањето на нивниот перформанс во „Јуроп хаус Велес“ со свој концерт ќе настапат: Влатко и Лемпи (Македонија/Финска).
На 9 октомври ќе има промоција на книга на Александра Спасеска, а на 18 октомври со свој перформанс ќе настапи Антез од Франција, а наредниот ден на малата сцена во „Театар Ј.Х.К Џинот“ – Велес тој ќе одржи и работилница. На 25 октомври на големата сцена во велешкиот театар со свои концерти ќе настапат „Трд ворлд квартет“ (Македонија), „Зоис Шангај“ (Франција) и „Хечтејтшнс“ (Германија). На 26 октомври на големата сцена во театарот со свои концерти ќе настапат Филип Динев/Мартин Ѓаконовски дуо (Македонија/Германија) и Калата (Македонија). На 27 октомври на истата локација со свои концерти ќе настапат „Луфтханза“ и Данчо Саздов од Македонија.
За целокупниот графички дизајн на фестивалот и оваа година се погрижи уметникот Филип Коруновски. Со организирање на овој фестивал, целта е да се придонесе кон децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста и пласман на квалитетни содржини и затоа овој фестивал е од исклучителна важност за Велес.