Современата балетска бајка за сите возрасти, „Пепелашка“, од Сергеј Прокофјев, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет вечерва, со почеток во 20 часот.
Приказната за „Пепелашка“ преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев е во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќ-Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски. Дизајн на звук: Георг Драушник (Хрватска), дизајн на светло: Милчо Александров, асистент-кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија), репетитори: Саша Евтимова, Дафина Данилоска-Кочевска, асистент-костимограф е Ангела Богеска.
Приказната за „Пепелашка“ на нашата сцена ќе ја пренесат: Наташа Трендафилова-Гицев (Христина Наќевска), Игор Веланоски, Саша Евтимова, Ангела Богатинова, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Александар Илиќ, кореографот на балетот „Пепелашка“, вели дека оваа поставка на „Пепелашка“ не е класична верзија, туку е создадена во еден посовремен контекст.
– Нашата „Пепелашка“ ја сместивме во една целосно поинаква временска рамка во 1970-тите години, поточно, во време на популарноста на филмот „Брилијантин“ со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа си поигравме со нашата Пепелашка во тоа време – вели Илиќ.