Испитување на мотивите за смртоносните напади во Либан
Светските лидери и дипломати предупредија дека бранот од експлозии може да доведе до сеопфатен конфликт меѓу Израел и Хезболах, и покрај напорите на САД и ОН да спречат понатамошна ескалација, како и да најдат план за прекин на огнот во Појасот Газа
Новата серија експлозии насочени кон милитантната група Хезболах, овој пат преку уреди воки-токи саботирани со експлозив, уби најмалку 20 и рани повеќе од 450 лица во градовите низ Либан. Целните детонации се случија еден ден откако повеќе од 2.800 лица беа повредени, а 12 загинаа од експлозија на пејџери, во напад за кој беше обвинет Израел. Светските лидери и дипломати предупредија дека бранот од експлозии може да доведе до сеопфатен конфликт меѓу Израел и Хезболах, и покрај напорите на САД и ОН да спречат понатамошна ескалација, како и да најдат план за прекин на огнот во Појасот Газа, пренесуваат светските медиуми.
Загрозен предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа
Извор во Хезболах потврди дека воки-токија користени од групата биле цел на нападот во средата. Висок безбедносен извор рече дека поединечните експлозии биле „мали по големина“, слични на претходните напади при кои експлодираа пејџери што ги користеа либанските милитанти.
Нападите почнаа само еден ден откако советникот на администрацијата на Бајден, Амос Хохштајн, се сретна со Нетанјаху и со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во обид да ги деескалира тензиите со Хезболах. По тоа, израелскиот премиер објави дека враќањето десетици илјади израелски жители во нивните домови во северен Израел станало клучна воена цел, што укажува на тоа дека Израел би можел да се подготвува за понатамошна ескалација.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој е во посета на Египет за да разговара за предлогот предводен од САД за прекин на огнот во Појасот Газа, се чини дека сугерираше оти Израел го темпирал нападот за да го попречи потенцијалниот пробив во тие разговори.
– Постојано гледаме и повторно видовме настан што се заканува да го забави, запре и исфрли од колосек договорот – рече Блинкен во врска со експлозиите, во ситуација кога САД и другите посредници веруваа дека постигнуваат напредок во договорот за прекин на огнот во Газа.
Извештаите во израелските медиуми укажуваат дека Бенјамин Нетанјаху и неговите воени советници можеби решиле да ги активираат уредите неделава поради загриженоста дека Хезболах бил блиску до откривање на операцијата за саботирање на комуникациската опрема на групата, која беше лансирана пред најмалку пет месеци.
Гутереш сугерира дека акцијата била планирана како увертира за голем израелски напад
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги осуди нападите и повика на воздржаност и од Хезболах и од Израел, додека Советот за безбедност на ОН беше свикан да се состане денеска за да разговара за операциите без преседан во, како што се смета, масовното нарушување на синџирот на снабдување од страна на израелското разузнавање.
Гутереш исто така посочи дека операцијата можеби била планирана како увертира за големи израелски напад врз Либан.
– Очигледно, логиката да се детонираат сите овие уреди е тоа да се направи како превентивен напад пред голема воена операција – им рече Гутереш на новинарите.
Во потенцијално поврзан потег, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека Израел го префрла својот воен фокус кон фронтот со Хезболах, за време на посетата на базата на воздухопловните сили во средата.
– Центарот на гравитација се поместува на север, што значи дека сè повеќе ги пренасочуваме силите, ресурсите и енергијата кон север – рече Галант, додавајќи дека целта е да се вратат раселените северни жители во нивните домови.
Тој дополнително ја пофали израелската разузнавачка агенција Мосад за „големите достигнувања“, но не презеде одговорност за дводневните напади во Либан.
Новите експлозии го обележија вториот ден од хаосот во Либан, а особено во упориштето на Хезболах во Бејрут, каде што едно воки-токи експлодира на погребот на тројца членови на Хезболах, а едно дете беше убиено од пејџер што експлодира истиот ден. Р.С.
Изразена загриженост за прекршување на човековите права
Во меѓувреме дипломатите и организациите за човекови права предупредија дека експлозиите, чија цел беа илјадници пејџери и стотици уреди воки-токи нарачани од Хезболах, неселективни го прекршуваат законот за човекови права.
– Истовременото целење на илјадници поединци, без разлика дали се цивили или членови на вооружени групи, без знаење за тоа кој ги поседувал целните уреди, нивната локација и нивната околина во моментот на нападот, ги прекршува меѓународната повелба за човекови права и степенот на применливост, меѓународното хуманитарно право – рече Волкер Турк, висок комесар на ОН за човекови права. Р.С.
Израел префрла трупи кон границата со Либан
Израелската армија ја премести на север 98-та дивизија, која до неодамна се бореше во Појасот Газа. Одлуката за преместување на дивизијата кон границата со Либан следува ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел, и по заканите за одмазда од Хезболах.
Се верува дека 98-та дивизија има илјадници војници, вклучувајќи и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни командоси специјално обучени за операции зад непријателските линии. Дивизијата одигра клучна улога во Појасот Газа, предводејќи ги армиските операции во јужниот град Кан Јунис, кој важи за упориште на Хамас. Израелската армија исто така соопшти дека неделава извршила серија вежби по должината на границата со Либан. Р.С.