Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Најдобрите осум екипи во лигата автоматски ќе се пласираат во осминафиналето, а тимовите што ќе се најдат од деветтото до 24-то место ќе се натпреваруваат во плејоф-двомеч. УЕФА објави дека во случај две или повеќе екипи да имаат ист број бодови има 10 начини за одредување на пласманот

Фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) се врати со нов формат, во кој наместо осум групи со по четири тима сега сите 36 екипи ќе бидат рангирани во една табела. Најдобрите осум екипи во лигата автоматски ќе се пласираат во осминафиналето, а тимовите што ќе се најдат од деветтото до 24-то место ќе се натпреваруваат во плејоф-двомеч, за да им се придружат на најдобрите осум екипи во следната рунда од натпреварувањето. Екипите од 25-то до 36-то место ќе бидат елиминирани од европските купови. Од сезонава нема префрлање на тимовите во други европски купови како до минатата сезона.

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека во случај две или повеќе екипи да имаат ист број бодови по осумте кола има 10 начини за одредување на пласманот.
Прво што ќе се гледа е вкупната гол-разлика на вклучените тимови, потоа за разделување на екипите со ист број бодови ќе се гледаат поголемиот број постигнати голови, поголемиот број постигнати погодоци на гости, поголемиот број победи, поголемиот број гостински победи во првенствената фаза, потоа поголемиот број бодови колективно освоени од противниците од лигата, супериорната колективна гол-разлика на противниците од лигашката фаза, поголемиот број голови постигнати заедно од противниците во лигата, пониските дисциплински бодови врз основа на добиени жолти и црвени картони во сите натпревари и десетти критериум ќе биде повисокиот клупски коефициент.

Синоќа беа одиграни уште шест натпревари во првото коло на новата сезона во Лигата на шампионите, а двојките беа Феенорд – Баер, Црвена звезда – Бенфика, Монако – Барселона, Аталанта – Арсенал, Атлетико Мадрид – Лајпциг и Брест – Штурм. Претходно неделава се одиграа 12 средби, и тоа, Јанг бојс – Астон вила 0-3, Јувентус – ПСВ Ајндховен 3-1, Баерн – Динамо Загреб 9-2, Милан – Ливерпул 1-3, Реал Мадрид – Штутгарт 3-1, Спортинг – Лил 2-0, Спарта Прага – Салцбург 3-0, Болоња – Шахтер 0-0, Селтик – Слован 5-1, Клуб Бриж – Борусија Дортмунд 0-3, Манчестер сити – Интер 0-0 и Пари сен Жермен – Џирона 1-0.