Фото: Пиксабеј

Хаити е решен да ја продолжи потрагата по бродот на Кристофер Колумбо, „Санта Марија“, по извештајот на Обединетите нации дека пронајдените остатоци не се од бродот на Колумбо.
– Ќе ја испитаме секоја трага за да го откриеме можеби најпознатиот брод – рече министерката на Хаити, Моник Рокур.

Во мај, тим предводен од американскиот истражувач Бери Клифорд објави дека ги идентификувал 500-годишните остатоци на „Санта Марија“ во водите северно од Хаити. „Санта Марија“ беше еден од трите брода што ја напуштија Шпанија во 1492 година за да најдат пократок пат до Азија. Се верува дека бродот заринкал на гребен во близината на Хаити на Божиќ и дека бил напуштен. Мисијата на експерти на УНЕСКО, побарана од Владата на Хаити, заклучи дека бронзените и бакарните завртки пронајдени во близината на потонатиот брод укажуваат на тоа дека бродот бил изграден кон крајот на 17 или 18 век.
– Постојат непобитни докази дека потонатиот брод е од подоцнежен период – се вели во извештајот на УНЕСКО.

Водачот на мисијата на УНЕСКО, Ксавиер Нието Прието, поранешен директор на шпанскиот Национален музеј за подводна археологија и експерт за шпанските остатоци, го обиколи северниот брег на Хаити. Во својот извештај, во кој тој исто така изјави дека потонатиот брод откриен од Клифорд е премногу далеку од брегот за да биде „Санта Марија“, препорача понатамошна потрага по бродот на Колумбо.

– Од суштинско значење е УНЕСКО да ја испита целата област каде што се пронајдени остатоците од потонатиот брод, фотографии и мапи – рече Клифорд. Властите на Хаити најавија дека ќе продолжат со потрагата по урнатините.