Моника Стојковска

ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА, ПЕТТО КОЛО

Македонската машка репрезентација го совлада Ел Салвадор со 4-0 и по пет кола е на 38. место меѓу 197 селекции, а женската репрезентација ремизира со Јордан, 2-2, и е на 83-то место меѓу 181 селекција

Машката репрезентација на Македонија ја забележа третата победа на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта (Унгарија), откако во петтото коло го совлада Ел Салвадор, рангиран на 99-то место (просечен рејтинг 2.201 поени), со 4-0. Шахистите, кои се рангирани на 62-то место (2.421) пред почетокот на ШО, сите три досегашни победи ги постигнаа со по максимални 4-0. Шахистките на Македонија, пак, рангирани на 57-то место (2.026) пред ШО го впишаа првото реми, 2-2, со Јордан (рангиран на 92-то место, 1.862).

Тони Лазов

Кај шахистите цел поен освоија ВМ Евгени Романов, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски и дебитантот ФМ Антон Златков. Лазов и Златков засега се непоразени по четири одиграни партии. Македонија моментално е 38. меѓу 197 селекции, со шест бода (14,5 поени по табли), а во шестото коло, по кое ќе следува и слободен ден, е мечот со Хонгконг (рангиран на 120-то место, 2.062).

Многу понеизвесно беше кај македонските шахистки против Јордан, кај кој многу посилните шахистки со рејтинг играат на третата и на четвртата табла. Македонките по ова коло се на 83-то место со пет бода (10,5 по табли) меѓу 181 селекција. Тие вчера играа со Киргистан (рангиран на 88-то место, 1.877).

Индија и во двете конкуренции засега е во водство. Во отворениот дел, таа го совлада Азербејџан со 3-1, а на турнирот за жени Казахстан со 2,5-1,5. Во следното коло Домарају Гукеш и неговите соиграчи ќе играат со домаќинот, кој во ова коло ја совлада Украина со 2,5-1,5. Унгарија има три злата на ШО, но сите во претходниот век (1927, 1928 и 1978 година). Кина ја победи Шпанија со 2,5-1,5. Следен ривал им беше сензационалната селекција на Виетнам (рангирана на 21-то место, 2.593). По победата над олимпискиот првак Узбекистан, Виетнам ја продолжи успешната серија и против Полска (рангирана на 11-то место) со 2,5-1,5. Ле Туан Мин (27) засега игра со силина од 2.810 рејтинг-поени, а во 2022 година тој стана 13-ти ВМ на Виетнам.

Со максимални 10 бода засега во водство се Индија, Кина, Виетнам и Унгарија. Кај жените, по 10 екипни бода покрај Индија имаат и Ерменија и Монголија. Г.И.


ШО 2024, ПЕТТО КОЛО

Македонија – Ел Салвадор 4-0
ВМ Евгени Романов (2.567) – ИМ Ернесто Гирон (2.276) 1-0
ИМ Тони Лазов (2.360) – ФМ Рикардо Чавез (2.185) 1-0
ИМ Никола Николовски (2.388) – ФМ Карлос Моралес (2.131) 1-0
ФМ Антон Златков (2.346) – ВМ Марвин Гуевара (2.003) 1-0

Македонија – Јордан 2-2
ЖФМ Моника Стојковска (2.043) – Арафат Серина (1.552) 1-0
Моника Жежовска (2.107) – Хелал Џеда (1.569) 1-0
Сања Трајковска (1.920) – ЖИМ Алшаеби Бошра (1.939) 0-1
Леа Ефтовска (1.841) – Ал-Кудах Руба (1.937) 0-1