На фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“
Дел од програмата „Скопје фелоушип“ на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ ќе бидат Катарина Луа ван Хоф, едно од влијателните имиња во европското издаваштво, која е поранешна шефица на одделот за странска литература во францускиот гигант „Галимар“, Тамер Саид, еден од најистакнатите издавачки директори во Обединетите Арапски Емирати, кој е соосновач на грчки „Вакхикон“, Несторас Пулакос, кој е еден од позначајните издавачи во Грција и ја издаде на грчки Лидија Димковска, и Лали Бернар, претставничка од француската агенција #BAM, заедно со уште четири издавачи. Тие ќе бидат гости на фестивалот што ќе се одржи од 15 до 17 септември во Скопје.
– Во програмата „Скопје фелоушип“ вообичаено учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со цел македонската литература да се доближи до светот. Учесници во оваа програма се и Јоана Јежорна-Крамаж од издавачката куќа „Познан“ од Полска, Рикардо Лопез од шпанското издаваштво „Арменија“, Катја Кац од КУД „Содобност интернационал“ од Словенија и литературната скаутка Валерија Паолини од Италија. Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачки куќи – велат организаторите.
Програмата е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот меѓу првите во регионот воспостави програма посветена на овој профил на гости и продолжува со несмален интензитет.
Тамер Саид е еден од најистакнатите издавачки директори во Обединетите Арапски Емирати. Во јули 2023 година тој беше назначен за директор на меѓународната литературна агенција „Шарја“, која била основана во 2020 година од страна на Управата за книги на Шарја, за да се зајакне комуникацијата помеѓу издавачите, авторите, преведувачите, илустраторите и другите засегнати страни, а со цел да помогне во трансформацијата на голем број дела за глобална потрошувачка. Катја Кац дипломирала културолошки студии на Факултетот за општествени науки во Љубљана. Од 2012 до 2014 година работела на музичкиот фестивал „Годибоди“ како координаторка за гости и уметници. Јоана Јежорна-Крамаж е родена во Полска, каде што живее на село. Таа работи како проект-менаџерка и менаџерка за права во издавачката куќа „Познан“ и се занимава со женска фикција и вредни книги за деца.
Лали Бернар е помлада литературна агентка за агенцијата #BAM со седиште во Париз, Франција. Таа е специјализирана за Централна и Источна Европа и е одговорна за поврзување на Франција со странските пазари. Несторас Пулакос е издавач и соосновач на издаваштвото „Вакхикон“ во Грција. „Вакхикон“ е една од најголемите издавачки куќи во земјата. Нејзината годишна издавачка програма вклучува повеќе од сто грчки и преведени книги проза, поезија, есеи и книги за деца. Рикардо Лопез има академска заднина по политички науки и право и постдипломски студии по филозофија. Со професионално дводецениско искуство во управување со проекти (техничка помош, истражување и развој и издаваштво), тој е добро запознаен со програмите, регулативите и начинот на работа финансирани од Европа. Валерија Паолини (Пескара, 1995) е литературна скаутка и преведувачка од Италија. Со магистерски студии по странски јазици и култури, таа е специјализирана за скриени наративи од целиот свет.
Програмата „Скопје фелоушип“ годинава се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.