Организаторите на „Бич филм фестивал“ беа поканети да учествуваат како панелисти на 26. Евромедитеранска конференција за кино, која се одржа во рамките на 81.
Венецискиот филмски фестивал. Настанот, организиран од Меѓународниот совет за кино и телевизија при УНЕСКО, има цел да го истражи потенцијалот на мобилното кино како ново средство за културен дијалог, соработка и поттикнување мир меѓу младите во медитеранскиот регион.

Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“, беше една од панелистите, заедно со истакнати личности од филмската индустрија и културни организации, кои споделија свои визии за иднината на киното и неговата улога во општествените промени. На програмата на панелисти се најдоа и Магдалена Ландри, директорка на Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа, Алберто Барачини, државен потсекретар, Пиерпаоло Сапорито, претседател на Опсерваторија за дигитална комуникација при УНЕСКО, режисерот Кујтим Чашку и други.

– Оваа покана претставува големо признание за нашето фестивалско движење и неговата улога во зајакнувањето на интеркултурниот дијалог преку филмската уметност, но и важноста на филмот како медиум – вели Ана Опачиќ, директорка на фестивалот.