Фестивал на нем и класичен филм

Во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм вечерва, во 20 часот, во Кинотеката на Македонија на програмата е германскиот филм „Раскажување“ од 1975 година. Филмот е соработка на Харун Фароки со германската режисерка со финско потекло Ингемо Енгстром. Во овој филм се истражува што е приказна и раскажување: двајца автори се среќаваат за да разговараат за нивната работа. Фокусот е на интердисциплинарноста и наративната форма што ја избираат за нивните следни истражувачки проекти. Тој (Фароки) сака да создаде приказна за општеството и производството во периодот непосредно пред и за време на националсоцијализмот. Таа (Енгстром) ја истражува руската писателка и револуционерка Лариса Рајснер. На овој начин механизмите на нарација се испитуваат на саморефлексивен начин. Овој филм од 1975 година е повеќе од едноставен наративен експеримент; тој е длабока медитација за природата на зборот, начинот на кој се градат приказните и улогата на раскажувачот. Филмот ги испитува тензиите меѓу зборот и сликата и како овие два елемента се комбинираат за да создадат значење.

Следува проекција на документарниот филм „Жан Мари Штрауб и Даниел Хуле работат на филм заснован на фрагментот од романот на Франц Кафка, Америка“ (Германија, 1983 г.). Овој филм во исто време е автопортрет на Харун Фароки и омаж на познатиот француско-германски режисер Жан Мари Штрауб – негов поранешен професор на Филмската академија во Берлин и едно од главните влијанија на Фароки. Филмот го прикажува Фароки како се подготвува за неговата улога на Деламарш во филмот на Штрауб „Класни односи“ (1983), базиран на недовршениот роман на Кафка, „Америка“. Овој филм ја обработува темата на повторувањето, која игра важна улога во актерството, особено за време на пробите. Режисерската техника на Жан-Мари Штрауб и неговата сопруга Даниеле Хује е базирана на многу повторувања и проби, со фокус на деталите, при што изведувачите се принудени да ги вежбаат сцените до степен на исцрпеност. Филмот не е само приказ на техничкиот процес на снимање туку е и анализа на начинот на кој режисерите ја прифаќаат и ја адаптираат литературата за филмско платно.

Потоа ќе биде прикажан „Изразот на рацете“, документарен филм (Германија, 1997 година), во режија на Харун Фароки. Во овој краток филм Фароки, користејќи филмски инсерти, ги истражува визуелниот јазик на рацете во филмот, симболиката, фројдовските лапсуси, автоматизмите. Крупните планови во филмот најчесто се користат за пренесување емоции преку изразите на лицето. Фароки, пак, сака да покаже дека рацете можат да бидат прозорец кон душата на човекот и честопати прикажуваат емоција што лицето се обидува да ја скрие. Како што сугерира насловот, филмот се фокусира токму на рацете и нивната способност да пренесуваат емоции, мисли и намери.