Центар за истражување на предисторијата

Центарот за истражување на предисторијата го публикуваше научниот труд за датирањето на неолитските локалитети во Пелагонија. Овој труд е во коавторство на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер и публикуван е во реномираното светско археолошко списание „Документа прахристорика“. Тој се базира на долгогодишните теренски истражувања на Центарот за истражување на предисторијата во Пелагонија, кои финализираа со хронолошко моделирање на добиените датуми во Ајнштајновиот центар во Берлин.
– Во овој труд, именуван како „Датирање на раниот неолит во Пелагонија“, сублимирани се сознанијата за датирањето на неолитските тумби во Пелагонија, добиени при радиокарбон-анализите на семиња од жита и животински коски. Во него за првпат се посочува дека најраното појавување на неолитските населби во Европа се случува во географска Македонија, при што се опфатени повеќе локалитети од Република Македонија и Република Грција, чии датирања се ревидирани со помош на хронолошки секвенци и примена на бејзовото моделирање – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Притоа, се истакнува и мошне важната улога на неолитскиот локалитет Влахо, кој, за жал, се соочи со уништување на неговата источна периферија и на кој му е неопходна натамошна заштита.

– Овој локалитет се издвојува со еден од најстарите неолитски датуми во Европа (околу 6.400 години пред новата ера), што го прави особено уникатен во светски рамки, како поради датирањето така и поради единственото присуство на десетина рова низ населбата. Во прилог на овие аргументи, изработени се повеќе хронолошки графикони, кои го потврдуваат временскиот опсег на Влахо во втората половина на 7 милениум пр. н.е., како и она на другите значајни неолитски населби во географска Македонија – велат од центарот.
Трудот може бесплатно да се преземе на следните линкови, што е наедно и една од главните заложби на Центарот за истражување на предисторијата за достапност на научните сознанија до сите љубители на минатото: https://www.academia.edu/123545977/Dating_the_Early_Neolithic_in_Pelagonia_closing_a_chronological_gap_in_Balkan_prehistory. В.Д.