Отворена изложбата „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“
Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена е отворена во националната галерија „Мала станица“. Македонската јавност има можност да погледне дела од Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
Настанот почна со дискусија меѓу колективот „Стонителерс“ од Прага и претставници на македонската независна уметничка сцена.
– Во 2023 година е основано неофицијалното здружение наречено „Пул“. Во моментов е составено е од шест члена од алтернативни уметнички простори, уметнички иницијативи и непрофитни уметнички центри во Република Чешка, вклучувајќи ги и уметничкиот колектив „Стонителерс“ и Анешка Кожинкова, коja ја претставува галеријата „35 m2“. Оваа модерирана дискусија има цел да го искористи примерот на здружението „Пул“ за да ја истражи темата за соработка и нејзините модели во рамките на независната уметничка сцена, обработувајќи ги и практичните аспекти и поттикнувањето поблиски меѓучовечки односи. Дали овие модели можат да бидат одржливи и да функционираат долгорочно? Дали постојат стратегии за преживување за да се постигне ова? Дискусијата е дизајнирана да го олесни споделувањето искуства низ различни национални контексти – објаснуваат организаторите.
Посетителите имаа тура со водичите, Карина Котова (здружение „Јиндрих Халупецки“ – кураторски колектив, Прага) и Ивана Васева („Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ/ 19. „АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Скопје), и со уметниците што изложуваат во рамките на изложбата. Потоа се одржа проекција на филмот „Неименувано (Нешто што сакаме да го именуваме, но постојано не успеваме во тоа)“ од Јижи Скала, а посетителите имаа и перформативна интеракција со делото „Раце преку глава“ од Барбора Клајнхамплова.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ е меѓународен изложбен проект што вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и од земјите од поранешна Југославија, а е во рамките на „19. АКТО фестивал за современи уметности“. Изложбата е поддржана и од Националната стратегија за ревитализација на Чешка
– Изложбата има цел да покаже како девалвираниот и слабо платен когнитивен труд се манифестира во уметничките животи и исто така да претстави различни пристапи и начини на справување со ситуацијата. На некој начин, сите учесници преку изложените дела се обидуваат да се справат со забрзаната динамика и интензитетот на (уметничкиот) свет и да одговорат на императивот да испорачаат и да создадат значајни, солидарни и емпатични контексти за заедничко справување со работите – објаснуваат организаторите.
Изложбата ќе биде отворена до 24 септември, а на затворањето ќе се одржи и промоција на брошурата „Прекарно за почетници“ и на публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“.
Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во земјава и е еден вид продолжување на серијалот на „АКТО“. В.Д.