Алиреза Фирузја / Фото: ЕПА

Второто место му припадна на Американецот Весли Со, додека трет беше неговиот сонародник Хикару Накамура

ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ ВО СЕНТ ЛУИС

Францускиот велемајстор (ВМ) Алиреза Фирузја ги освои севкупно првото место и паричната награда од 40.000 долари на турнирот во забрзан (25 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч) и во брз шах (пет минути, плус две секунди за секој потег по играч) од Големата шаховска серија за 2024 година, кој се одигра во Сент Луис (САД) во конкуренција на 10 играчи. Откако се изедначи на првото место во забрзан шах со Русинот Јан Непомнијашчи и Французинот Максим Вашер-Леграв, Фирузја, кој е роден во Иран, имаше одличен настап на двојниот круг во брз шах, каде што освои 12 поени од можни 18, а претходно 11 поени од можни 18 во забрзан шах, или вкупно 23 поени од можни 36, доволно да се искачи на првата позиција на турнирот.

Американецот Весли Со постигна само 50 отсто (9/18) во забрзан шах, но напредуваше по брз шах (11/18), за да заврши на второто место во конечниот поредок (30.000 долари). Истото важи и за Американецот Хикару Накамура, кој подобро се снајде во брз шах (10,5/18) и на крајот го освои третото место (25.000 долари).
Спротивно на ова, Непомнијашчи и Вашер-Леграв, кои беа во водство по забрзаниот шах, не се претставија многу добро во шахот со брзо темпо и завршија на петтото, односно, на седмото место. Фирузја со оваа победа го презеде водството од Фабијано Каруана на годинешната Голема шаховска турнеја, која треба да заврши со Купот Синкфилд 2024, кој започнува денеска, во шаховскиот клуб во Сент Луис (САД).
Досегашни победници на Големата шаховска турнеја (која од главните настани ги вклучува турнирот во Норвешка, во Лондон и Купот Синквилд), која се игра од 2015 година, се: Магнус Карлсен, Весли Со (2016), Магнус Карлсен (2017), Хикару Накамура (2018), Динг Лирен (2019), Весли Со (2021), Алиреза Фирузја (2022) и Фабијано Каруана (2023).
Табела: Алиреза Фирузја (Иран), вкупно 23 поени, Весли Со (САД) 20, Хикару Накамура (САД) 19,5, Левон Аронијан (САД) 19, Максим Вашер -Леграв (Франција) 19, Фабијано Каруана (САД) 18, Јан Непомнијашчи (Русија) 18, Нодирбек Абдусаторов (Узбекистан) 16, Лениер Домигез (САД) 15,5, Прагнананда Рамешбабу (Индија) 12. Г.И.