Никола беше еден од столбовите, заедно со својот брат Славко, во прволигашкиот тим на РК Работнички. Во 1958 година, со влегувањето во Првата југословенска лига, ракометот стана еден од најпопуларните спортови во Македонија. Д-р Никола Матовски паралелно со спортувањето навреме ги заврши студиите и еден период беше декан на Правниот факултет во Скопје

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (311) НИКОЛА МАТОВСКИ

За браќата Славко и Никола Матовски може да кажам дека беа една од најпознатите спортски двојки во Македонија, кои дадоа голем придонес во развојот на повеќе спортови во годините по Втората светска војна. Постариот Славко (роден во 1927 година, починал во 2008 година) беше основоположник на два спорта – големиот и малиот ракомет. Некои можеби ќе се изненадат, но во 1940-тите години, веднаш по војната, токму големиот ракомет беше еден од најпопуларните спортови. Тој се играше на фудбалски терен со по 11 играчи, а дозволениот шут кон голот беше од 13 метри. Токму овој спорт, кој беше најразвиен во Хрватска, свое место најде и во спортското живеење во Македонија, а Славко и неговиот другар Никола Таневски-Јанди беа негови промотори и основоположници. Славко беше познат по својата настојчивост и не само што по негова иницијатива беше формиран РК Работнички туку тој стана негов главен играч, а заедно со Драган Геровски-Дале заигра и за југословенската репрезентација во голем ракомет. Но во 1950-тите години овој спорт полека почна да губи од својата популарност и неговото место го зазеде малиот ракомет, кој се играше на ист терен како денес. Славко и тука во 1952 година беше главен промотор на малиот ракомет, во кој со Работнички, по шест години напорна работа, во 1958 година стигна до Првата лига. Во следната сезона и екипата на Графичар се натпреваруваше со прволигашите, но сепак Работнички беше вистинскиот магнет за публиката. Графичар играше со најсилните екипи само една сезона.
Ова беше краток опис за почетоците на спортот во кој Македонија денеска игра значајна улога и на меѓународната сцена, а нејзин прв репрезент на поранешните југословенски простори беше Работнички. Во познатиот клуб од Дебар Маало почнаа да се појавуваат многу млади и квалитетни играчи, меѓу кои беше и Никола, помладиот брат на Славко. И тој беше упорен како и постариот брат и брзо стана член на првата постава на тимот, кој се натпреваруваше во Првата лига, а веќе следната година заигра и за југословенската репрезентација.

Состав за паметење

Славко Матовски, кој беше играч и тренер во РК Работнички, направи една селекција од ракометари што почнаа да им парираат и на најсилните екипи во Првата лига. Неговиот брат Никола, со кого имав снимено и емисија во рамките од серијалот посветен на македонските спортски легенди, во текот на снимањето во домот на ЖСД Работнички, во салата во Градскиот парк, со голем возбуда ги изговараше имињата на неговите соиграчи. Ќе цитирам дел од тој разговор.
– Ние ја изненадивме југословенската спортска јавност со влегувањето на Работнички во Првата лига во 1958 година. Овој успех им донесе голема радост на љубителите на спортот во Македонија, зашто со Работнички, покрај ФК Вардар, беше добиен вториот прволигаш. Иако без доволно искуство, ние сепак неколку сезони опстојувавме во елитното друштво. Брат ми Славко вложуваше големи напори не само да ја одржи туку и да ја засили екипата, од која излегоа и неколку југословенски репрезентативци, од кои најстандарден беше популарниот Теофил Томановиќ-Тофо. Меѓу тие што заиграа во дресот на поранешната држава, во еден краток период, бев и јас. Во тој состав на Работнички, кој поради македонската спортска историја никогаш не треба да се заборави, се наоѓаа: голманот Жарко Ѓукиќ, кој дојде на студии во Скопје од Пеќ, Драган Геровски, кој беше репрезентативец на Југославија во голем ракомет, а беше стандарден и во првата петорка на КК Работнички, Зафир Куновски, кој не остана долго и замина во Црвена звезда и беше државен репрезентативец, Миле Кратовалиев, Бошко Загорац, кој дојде од Лика, Виктор Маерле, Љубомир Фишиќ, кој играше и кошарка, Богдан Јелачин од Словенија, голманот Лојпур од Далмација, Александар Милиновиќ, кој беше и југословенски репрезентативец. Потоа Бранко Димитровски, Владимир Шахов, Гаврил Штериев-Гањо, кој беше и тениски првак на Македонија, Душко Ивановски, Коле Богдановски, Јовановски, а најпријатното изненадување беше појавата на еден млад дебармаалец, Васил Брезовски-Брезо. Тој беше изразит левак, играше на позиција на десно крило и уште во своето деби против Млада Босна од Сараево постигна два гола. Тоа беше знак оти Работнички добива уште еден квалитетен играч, што се покажа како точна прогноза, бидејќи во следните години тој беше еден од најстандардните во тимот. Се разбира, тука беше и Славко Матовски, кој сѐ уште беше активен играч и без кого Работнички практично не можеше да се замисли. Ете, тоа беше тимот за ракометната историја, во кој подоцна се вклучија и Бојаџиевски, Илиќ, Томовски и уште многу други млади играчи – се присетуваше во тој разговор на тие времиња Никола Матовски

ЦЕЛО СКОПЈЕ НА РАКОМЕТ

Интересирањето за ракометот кон крајот на 1950-тите години толку многу порасна, што знаевме да кажеме „цело Скопје е на ракомет“. Токму поради тоа големо интересирање, за да може што повеќе гледачи да бидат присутни на мечевите на своите миленици, Работнички го напушташе својот традиционален терен лоциран покрај фудбалското игралиште и често мечевите ги играше на „Градски стадион“!
– Малку ни беше чудно, зашто бевме навикнати на нашето „стадионче“, каде што навивачите ни беа, тука над главите. На „Градски“ игравме на црвеницата зад голот, од страната на Работнички. Гледачите беа на трибината за стоење, па, така, не го чувствувавме нивното бодрење – зборуваше Коле во емисијата, во која нѐ потсети оти неговиот Работнички во 1960 година беше и финалист на Купот на Југославија. Но, во тоа финале во Бјеловар беше поразен од домашниот Партизан.
Со овој меч е поврзан и еден куриозитет од студентските денови. Имено, мечот се играл во недела, а Коле имал испит во понеделникот, и тоа по еден од најтешките предмети – Римско право, кај познатиот професор Иво Пухан. Коле бил во дилема – да оди на мечот или да остане тука за испитот. На крајот се решил да оди кај професорот и да го замоли за одлагање на испитот, барем за еден ден. Кога отишол кај него, тој му го побарал индексот. Кога во него видел наредени само десетки, му го вратил и му рекол: „Дојди на полагање, кога ти ќе посакаш“!
– Југословенската ракометна лига беше многу силна и имаше безброј интересни средби. Против сите,без оглед дали стануваше збор за Борац од Бања Лука, Партизан од Бјеловар, Црвена ѕвезда, Загреб, Динамо од Панчево, Железничар и Дубочица од Лесковац, јас и моите соиграчи влегувавме максимално мотивирано. Овие средби некогаш беа толку драматични, што гледачите доаѓаа безмалку на теренот до самата аут-линија. Во тоа време имаше и една традиција. Имено, по одиграниот натпревар, радоста за победата ја делевме заедно со навивачите и сите одевме на ќебапчиња во „Кермес“. Таа ни беше некако традиционална скопска кафеана, која особено во неделите беше преполна. Беше милина да се гледа како цели семејства со дечињата доаѓаа тука на ќебапчиња – носталгично се сеќаваше Никола на тоа незаборавно минато време.

СТУДЕНТСКИ ШАМПИОН ВО ФРАНЦИЈА

Никола Матовски стана легендарна личност во македонската спортска историја, но тој и на полето на професионалната работа беше многу успешен. Правниот факултет во Скопје го заврши навреме, а години потоа стана и негов декан, што, пак, беше уште една потврда за неговите квалитети на полето на правните науки. Со оглед на членувањето во најразлични комисии, па дури и во Комитетот за казнено право во Стразбур, Матовски беше познат меѓу своите колеги низ Европа. Тој како надежен правник доби и стипендија од Владата на Франција да се запише на постдипломски студии во Екс ан Прованс. Ова го кажувам од проста причина што тој таму беше и еден од најдобрите ракометари, а потоа тренер на универзитетската екипа од овој француски град. Ова можеби ќе минеше незабележано доколку тој како тренер и играч на екипата не го освоеше првото место на студентското првенство во земјата на „триколорите“, кои не само тогаш туку и денес на репрезентативен план жнеат успеси и освојуваат титули на најголемите светски собири. Самиот овој податок зборува во каква конкуренција ракометарите од Универзитетот од Екс ан Прованс станаа шампиони.
За Никола да не биде осамен во семејството, кој постигнувал не само спортски резултати туку бил успешен и на професионален план, се погрижи неговиот син Александар. Тој беше најдобар студент на постдипломските студии во Лондон, на катедрата за меѓународно јавно право.
Ете, тоа беше мојата приказна за Никола Матовски, во која неизбежно беше споменувано името на неговиот постар брат Славко, за кого пред неколку години имав посебен текст на истата оваа страница во „Нова Македонија“, весник што на овој начин ги оживува спомените за македонските спортски легенди.