Досега на летните школи учествувале над 4.000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за летната школа и конференцијата е сè поголем
Со подновен концепт и збогатена програма започнува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (15-29 август, Охрид). Вкупно 65 македонисти од 17 земји ќе учествуваат на школата, а вкупно 150 македонисти (семинаристи и истражувачи на 51. Меѓународна научна конференција) ќе ја развиваат грандиозната македонистичка мисија во древниот град Охрид. Годинава мотото е „Македонистички гордорек“.
– Македонистите од целиот свет, од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука – велат организаторите.
За првпат годинава се доделуваат награди „воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнувања и придонес во научноистражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката. Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и на Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на семинарот.
– Македонистичкиот гордорек е грандиозна мисија, со далекосежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациски придобивки, како што се писменоста, просветата, науката, културата и уметноста – истакна директорката на Меѓународниот семинар, Кристина Николовска.
Годинава, покрај редовната лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, започнува амбиентална настава што ќе се одржува во срцето на градот Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава „По стапките на Свети Климента“ ќе ја одржуваат Димитар Пандев и Кристина Николовска, започнувајќи од манастирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните спомен-куќи на Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во манастирот „Свети Наум“ и во поетска Струга, во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Струга и Вевчани и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.
– Програмата е извонредно богата и со културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: зборникот „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборникот „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот). Зборниците ќе содржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“, наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности – велат организаторите.
На 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“. Годинава на конференцијата ќе настапат 81 учесник, а на целокупната манифестација во Охрид, околу 150 македонисти ќе ја развиваат мисијата на македонистиката и Меѓународниот семинар. Ќе се објават и два зборника: „Предавања од 57. Летна школа“ и „Зборник од 51. Меѓународна научна конференција“. Досега, на летните школи учествувале над 4.000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за летната школа и конференцијата е сè поголем. В.Д.