Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска на 1 мај во Вашингтон, ќе има официјална средба со секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис.
На средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД. Значењето на средбата, како што наведуваат од Министерството за одбрана, е уште поголемо бидејќи се случува во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.
Средбата со Матис е во рамките на посетата на министерката Шекеринска на САД која започнува на 26 април и ќе трае до 2 мај. За време на посетата, Шекеринска ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер, а ќе има и средби во американскиот Стејт Департмент, Сенатот и Конгресот.
Министерката Шекеринска во Вермонт ќе се сретне и со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Стивен Креј.
Армијата на Република Македонија има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како партнер во реформите и развојот на вооружените сили, информираат од МО.