Како се наближува новото фестивалско издание, така се откриваат гостите од регионот што годинава ќе бидат дел од „Охрид фест 2024“. Така првпат на фестивалската сцена ќе настапи Кристијан Рахимовски, а воедно тоа ќе биде негова прва посета на древниот град, за кој татако му Аки Рахимовски, пејачот на „Парни ваљак“, кој за жал прерано не напушти, многу му зборувал.
– Цел живот слушам за Охрид, ми зборуваше татко ми дека таму имаше многу пријатели. Се надевам дека некои од нив и ќе ги запознам. Ова за мене е прилика уште повеќе да се поврзам со своите корени, затоа што го носам македонскиот ген. Срцето ми е полно, а дека премногу се радувам на доаѓањето, малку е да се каже. Благодарен сум за поканата на „Охрид фест“ и верувам добро ќе се забавуваме на фестивалот. Песната што ќе ја изведам се вика „Само љубав“ и ми се случи во вистинско време. Татко ми сакаше да сум што повеќе на терен, да ме слушнат луѓето, но по 15 години постојано свирење и настапи, малку се изморив. Во 2019. излезе албумот „Стопала“, а насловната песна стана регионален хит, но короната стопираше се. Во тој период останав без татко ми и без баба ми., доживеав страшен шок и ми требаше време да се повратам. Тагата и болката во срцето мораше да се залечат за да почнам повторно да пејам и да го земам иструментот во раце. „Сузе небеске“ е песна која ме раздвижи, а „Само љубов“ е посвета за луѓето кои ме сакаат, за семејството, па и за менаџерот и мојата издавачка куќа „Кроација рекордс“ – вели Кристијан Рахимовски.
За него Македонија не е само име на земја, туку и внатрешен мир, некое убаво чувство додека пее.
– Тешко ми е тоа да го објаснам, но навистина сум благословен со тој македонски ген. Дедо ми Мустафа Рахимовски беше професор на Музичката академија во Ниш, предаваше саксафон, татко ми Аки беше еден од најголемте пејачи на овие простори. Го носам тоа во себе, пеам со леснотија, а немам никакво музичко училиште. Музиката ме обликуваше, иако не сакав да му се препуштам на тој свет…Македонскиот јазик слабо го зборувам, но доста разбирам, и често се гледам со пријателот Стефан Ристовски со кој неодамна бев на концертот на Влатко Стефановски во Загреб – открива тој.
Кики, како што го викаат најблиските, дополни дека допрва Македонија ќе се запознае со неговата работа.
– Огромна желба ми е да го продолжам она што го правеше татко ми, и затоа ова не е само дискографски пазар за мене, туку и обврска. Освен тоа среќен сум што ги спојувам Хрватска и Македонија во себе си – вели Рахимовски.
Негов заштитен знак се баладите.
-Пеењето го научив низ стотици настапи, преку техники на дишење, дикција, диманика и сл. Работев со големи автори и ми требаа буквално 15 години за да научам да пренесам песна на вистински начин. „Постоји ли место“ и „Стопала“ беа пресвртница, тогаш ја сфатив сериозната промена во себе. За мене баладите се нешто како духовно чистилиште – открива Кристијан.
Тој ова долго, жешко лето го минува работно, во студио, каде го завршува новиот студиски албум.
– Во одлично друштво сум, со фантастични музичари. Имам соработка со Дејан Николиќ, тој го потпишува последниот сингл и уште некои песни кои ќе се најдат на албумот. Тука е и продуцентот Срѓан Секуловиќ, со кој навистина уживам во соработка, а не запозна Саша Драгиќ, мојот менаџер кој од Скопје внимава на секој мој чекор. Во ова мое турбулентно време тој се покажа не само како одличен автор чии песни допрва ќе се снимаат, туку ми е и голема поддршка. Во него препознав пријател, кој искрено, без заобиколување, кажува се што мисли. Полека градам приказна од луѓе и од песни. Тука е и Роберт Внук, кој соработуваше со Јосипа Лисац, „Плави оркестар“ и други големи изведувачи, и кој неодамна му се приклучи на тимот. Верувам во луѓето околу мене, во песните. Се разбира тука се авторите со кои соработувам од почетокот на карирата – Миро Буљан, Нино Нинчевиќ, Душан Бачиќ, Борис Ѓурѓевиќ, чии песни веќе излегоа како синглови, па со оглед на се, верувам дека ќе имаме добар албум – најавува Рахимовски.