Учеството на овој спортски настан за кадетите е своевидна адаптација на повисоката возрасна група каде што дел од нив веќе од наредната година ќе се натпреваруваат, вели селекторот на кадетската репрезентација, Игор Паскоски

ПРЕД ВТОРИОТ ЕВРОПСКИ ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ

Европскиот јуниорски џудо-куп „Скопје 2024“ викендов по вторпат ќе се одржи во Македонија. На ова квалитетно џудо-натпреварување се пријавени натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269, што доволно зборува дека во борбата за медалите, конкуренцијата ќе биде исклучително жестока, а македонските љубители на џудото ќе уживаат во спектакуларни борби. Добиеното домаќинство е резултат на организациските способности на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), лобирањето на управата и на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски.
Предводени од селекторот Александар Фузевски, репрезентацијата на Македонија ќе настапи со 19 натпреварувачи, од кои 10 во машка и девет во женска конкуренција. По натпреварувачкиот дел (сабота и недела со почеток од 10.30 часот) ќе следува и тридневен јуниорскиот тренинг-камп исто така во Скопје.
– Благодарение на успешната организација на првиот Европски јуниорски куп минатата година, овој втор куп побуди многу повеќе интерес, како кај учесниците така и кај љубителите на џудото. Искуството од лани ќе придонесе настанот да биде организиран на уште повисоко ниво, со што и оценките во Европската џудо-унија (ЕЏУ) сигурно ќе бидат повисоки, а истото тоа ќе придонесе да добиеме уште поголема поддршка за развој на македонското џудо. Единствено нешто што во моментов недостига кај нас како домаќини, се резултатите. Не би навлегувал во врска со очекувањата од настапот на јуниорскиот состав, сепак тоа е во доменот на мојот почитуван колега селектор на јуниорската репрезентација, но како селектор на кадетскиот состав можам да кажам дека за кадетите што ќе настапат на овој Европски куп за јуниори ова ќе биде големо искуство и поттик за нивната понатамошна кариера. Учеството на овој спортски настан за кадетите е своевидна адаптација на повисоката возрасна група каде што дел од нив веќе од наредната година ќе се натпреваруваат. За кадетите освојување медал на овој Европски куп за јуниори е малку потешка задача, најмногу поради возраста, но сепак не е недостижно – вели селекторот на кадетската репрезентација, Игор Паскоски.
Во поглед на пријавените земји и натпреварувачи Паскоски има свој став.
– Конкуренцијата е на многу завидно ниво, а секоја добиена борба на нашите претставници ќе биде многу значајна. Иако статистиката, анализите и предвидувањата не се на наша страна, сепак се надевам и посакувам медал за Македонија – вели Паскоски.
Од ЏФМ ги покануваат сите вљубеници во боречките спортови масовно да го посетат Европскиот јуниорски џудо-куп во Скопје и да ги бодрат своите миленици, а влезот е бесплатен. Свеченото отворање е закажано за утре (16.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“.
– Љубителите на џудото ќе можат да уживаат во џудо-спектакл што претстои и со тоа да осознаат повеќе за овој древен јапонски спорт, кој во Македонија е присутен уште од раните шеесетти години од минатиот век – велат од ЏФМ. Г.И.