Илустрација: „Нова Македонија“/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да го земеме како пример последниот наод на истрагата на надзорната комисија на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Конгресмените, претставници на републиканците и демократите, пронајдоа и јасно ѝ покажаа на јавноста низа пропусти во работењето на безбедносните служби во врска со обезбедувањето на митингот кога се случи атентатот на Трамп. Членовите (конгресмените) на оваа комисија побарале оставка од директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, бидејќи по нејзиното сведочење заклучиле дека „таа не одговорила на голем број прашања од конгресмените во врска со обидот за ликвидација на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп“, за на крајот од нејзиното сведочење да биде донесена обврзувачка наредба на Претставничкиот дом и да биде испратено официјално писмо во кое се бара директорката на Тајната служба, Читл, да поднесе оставка. Тоа и се случи

САД како стамен пример за доследна борба против системските пропусти на институциите и носителите на јавни функции

Ако нешто може да се оквалификува како заеднички именител на владеењето во овие нешто повеќе од три децении независност на Македонија, тоа е немањето одговорност од страна на функционерите, кои речиси никогаш не презеле одговорност за одредени проблематични случувања, а дури и ако биле прозвани од некакви тела, за нив прозивките немале никакво значење бидејќи меродавно е единствено мислењето на партискиот лидер. Сето тоа е одраз на еден несериозен пристап во борбата со корупцијата и криминалот што се провлекува со години, за да ескалира веќе до таа мера што неказнивоста и неодговорноста станаа заштитни знаци на секој функционер.
И додека државата и натаму замижува пред ваквите негативни појави, за што постојано добива опомени од меѓународниот фактор, сериозните држави имаат развиено системска борба со ваквите појави, така што ниту еден функционер не минува неказнето ако се утврди дека потфрлил во своето работење или, пак, има сомнежи за одредени негови коруптивни активности.

Стратегискиот партнер е најдобар пример за системска борба против корупцијата и криминалот

Неодамна републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, беше цел на атентат, при што доби прострелна рана за време на предизборен собир во американската сојузна држава Пенсилванија. Веднаш беше формирана надзорна комисија на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, составена од претставници на републиканците и демократите, која во релативно кус временски интервал направи истрага за она што се случувало на митингот во Пенсилванија. Наодите на истрагата покажаа пропусти во работењето на безбедносните служби, кои несериозно пристапиле кон обезбедувањето на митингот. Членовите на оваа комисија побарале оставка од директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, бидејќи по нејзиното сведочење заклучиле дека таа не одговорила на голем број прашања од конгресмените во врска со обидот за ликвидација на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.
Според американските медиуми, на крајот од нејзиното сведочење, кое беше донесено со обврзувачка наредба на Претставничкиот дом, републиканскиот лидер на надзорната комисија Џејмс Комер и демократскиот лидер на телото Џејми Раскин ќе испратат официјално писмо во кое се бара Читл да поднесе оставка.
По повод сослушувањето, на кое Читл се најде на удар на конгресмени од двете партии, претседателот на надзорната комисија Џејмс Комер рече дека верува оти „не се добиени премногу одговори“ во врска со атентатот на Трамп.
– Американскиот народ има прашања, тие заслужуваат одговори. Конгресот заслужува одговори. Денеска ве доведоа овде под обврзувачка наредба да дадете одговори, а вие, госпоѓо, не го сторивте тоа – истакна Комер, додавајќи дека тој и Раскин ќе испратат писмо во кое ќе бараат Читл да поднесе оставка „како чекор кон одговорност за она што се случило“.
И самата Читл отворено призна дека Тајната служба „не успеала“ во својата должност да се грижи, но ја бранеше нејзината потреба да остане на функцијата и го поттикна незадоволството и на републиканските и на демократските конгресмени со постојано избегнување да одговара на прашања. Сепак, веќе наредниот ден, таа соопшти дека ја напушта функцијата по критиките со кои се соочи за работата на нејзината агенција.

Во Македонија постои речиси идентичен систем на повикување на одговорност на носители на јавни функции како и во САД, но во пракса тој систем никогаш не профункционира. Она што всушност стана јавна дефиниција на нашиот систем, тоа е секогаш кога се сака да се избегне одговорност и да се забошоти некој случај, се формира анкетна комисија, која никогаш не дава каков било резултат од своето работење. Голем број афери ја тресеа државата повеќе од три децении, беа формирани повеќе анкетни комисии во Собранието, но ниту некој беше повикан на одговорност, ниту некој поднесе оставка по распитот пред анкетната комисија. Ваквата пракса треба да престане и да се активира реалната законска моќ на контролно-надзорната функција на нашиот законодавен дом и тоа со новиот состав да се стави во полн капацитет, во интерес на граѓаните и државата и на подигање на степенот на функционирање на правната држава

Партизацијата блокира секаква борба со корупцијата

Беше извесно дека Читл ќе се повлече од функцијата бидејќи анкетната комисија на Конгресот е единствена во заклучокот дека кога некој функционер ќе потфрли и тоа нема да го аргументира пред американските граѓани, нема зошто и понатаму да биде на функција. Вака изгледа системската борба со корупцијата, која бара од секој функционер да преземе одговорност доколку не може да даде одговори на прашањата од народните избраници.
Во Македонија постои идентичен систем на повикување на одговорност како во САД, но во пракса тој систем никогаш не профункционира. Она што всушност стана јавна дефиниција на нашиот систем, тоа е секогаш кога се сака да се избегне одговорноста и да се забошоти некој случај, се формира анкетна комисија, која никогаш не дала каков било резултат во своето работење. Голем број афери ја тресеа државата повеќе од три децении, беа формирани еден куп анкетни комисии во Собранието, но ниту некој беше повикан на одговорност, ниту некој поднесе оставка по распитот пред анкетната комисија.
Пред извесно време беше формирана анкетна комисија што требаше да ги испита наводите за наводни злоупотреби со цитостатици на Онкологија. Претседателката на таа комисија излезе со заклучоци во кои беа посочени неколку лица за овој скандал, но некои од членовите на анкетната комисија не се согласија со нејзината констатација и обвинија дека станува збор за политичка хајка. Да биде апсурдот уште поголем, собраниската комисија за надворешна политика со месеци бараше поранешниот министер за надворешни работи да реферира околу преговорите што ги води со Бугарија, но тој дрско го избегнуваше соочувањето со пратениците. Со евентуален таков однос во САД или некоја друга европска држава, тој министер ќе беше минато уште во истиот момент.
Проблемот зошто во Македонија не може да функционира системот е поради неговата целосна партизација. Имено, собраниските анкетни комисии се составени од партиски членови, кои наместо да постапуваат во согласност со правилата, односно непристрасно од улога на народни претставници да ги испитуваат сите наоди и да бараат одговори како што тоа го прават Американците, тие ги штитат исклучиво партиските позиции и функционери, па дури и кога кај нив се видливи одговорност и вина. Таа партизација на системот всушност ја спречува секоја ефикасна борба со корупцијата и криминалот.

Собранието да ја врати улогата на коректор

Она што е клучно сега тоа е државата да почне да се справува со сите функционери кај кои ќе се утврди незаконско работење, да се побара одговорност и повлекување од функцијата, а потоа надлежните институции понатаму да постапуваат по евентуална друга одговорност.
Затоа е особено важно новиот собраниски состав да ја сфати улогата на овие собраниски анкетни комисии и да постапува како вистински коректор на сите несоодветни појави, да ги испитува, да бара одговори, наместо да ги слуша препораките што доаѓаат од партискиот штаб.
– Кај нас со години се провлекува максимата „ако не сакаш да се реши некој случај, тогаш формирај анкетна комисија“. Сведоци сме на безброј анкетни комисии без никаков епилог. Ниту некој беше сменет, ниту презеде одговорност. Тоа мора еднаш да престане. Пратениците се народни избраници, народот им ја дал довербата и кога ќе се најдат во улога на истражители во некоја анкетна комисија, треба да одлучуваат непристрасно и чесно во име на народот. Тоа значи и кога ќе се открие дека некој функционер од власта е корумпиран, тој да биде повикан на одговорност. Истото тоа важи и за опозицијата, оти во тие комисии има претставници и од опозицијата. Собранието мора да си ја врати улогата на контролор над извршната власт и на сите институции што се формирани од негова страна, наместо да биде само обично потчинето тело на Владата, кое ќе гласа како што ќе диктира премиерот. Во секоја сериозна држава пратеникот е тој што има поголема тежина од секој министер, оти за министерот гласале стотина пратеници, а пратеникот е изгласан од илјадници граѓани – објаснуваат соговорниците.
Според нив, САД како наш стратегиски партнер се земја од која треба постојано да учиме.
– Доволно е нашето собрание да се угледа на тоа како работат анкетните комисии во Конгресот. Таму и републиканците и демократите заеднички одлучуваат врз основа на фактите, а не врз основа чиј член е оној што се нашол на распит пред комисијата. Кога ќе постигнеме таква непристрасност и департизација во процесите, тогаш ќе се воспостави вистинска системска борба против корупцијата, а со тоа ќе се наметне и одговорноста како императив за секое владеење. Без тоа, повторно само ќе се забошотуваат работите, одговорност нема да има и ќе тонеме сѐ подлабоко во корупција – заклучуваат соговорниците.


Пред контролно-надзорните комисии на Парламентот на САД и директорката на Тајната служба, а и директорот на ФБИ

Оставка на Кимберли Читл по нејзиното сведочење пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом

Преземам целосна одговорност за нарушувањето на безбедноста. Со тешко срце донесов одлука да се повлечам од директорската функција, со оглед на неодамнешните настани, истакна неодамна Читл во порака упатена до персоналот на Тајната служба преку мејл, токму наредниот ден по нејзиното сведочење пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
За потсетување, во врска со моќта на контролно-надзорната функција на Парламентот на САД (Претставничкиот дом и Сенатот), е дека директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, поднесе оставка токму откога нејзините одговори не ги задоволија критериумите на мешаната комисија од Претставничкиот дом.
И директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, беше повикан на сослушување пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом на САД. Тој сведочеше за повеќе работи што членовите на Комитетот на Претставничкиот дом му ги поставија како прашања, за да се увери јавноста дека таа служба постапила во рамките на своите законски надлежности, за да се отфрлат сите шпекулации дека и таа потфрлила вршејќи ги своите професионални обврски.


Помошник-државниот секретар на САД за европски прашања, Џејмс О’Брајан, пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат

Македонија во фокусот на еден контролно-надзорен распит во САД

На неодамнешното сослушување за иднината на Европа, пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, одговарајќи на многу вкрстени и прецизни прашања, се изјасни и помошник-државниот секретар на САД за европски прашања, Џејмс О’Брајан. Исклучително интересен момент од т.н. сослушување на споменатата комисија, која ревносно ја практикуваше својата контролно-надзорна функција, е и поставеното прашање за надворешната политика на САД на Балканот, односно за проблемите на Македонија со соседите.
– Македонија страда од тековни недоразбирања со соседите, што доведува до постојано менување на условите за влез во Европската Унија, а главното прашање се врти околу Договорот со Бугарија – кажа помошник-државниот секретар на САД за европски прашања, Џејмс О’Брајан, истакнувајќи ги проблемите на Македонија со соседите на сослушувањето за иднината на Европа пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат.
САД се активно вклучени во тековниот спор помеѓу Македонија и Бугарија, чекајќи формирање стабилна влада во Софија за да ги решат прашањата што го попречуваат пристапот на Македонија во ЕУ. Во таква ситуација се очекуваат значителни дипломатски активности на САД.


Ниту еден народен правобранител за 25 години постоење на институцијата не повел дисциплинска постапка против службено лице. Тие никогаш не побарале ниту да се свика постојаната анкетна комисија во Собранието, која во случај на повреда на уставните и законските права на повеќе граѓани можат да ја свикаат за да се најде решение

Народниот правобранител на Македонија никогаш не ја свикал постојаната анкетна
комисија во македонското собрание?!

Куриозитет во нашата држава е тоа што за 25 години постоење на институцијата Народен правобранител, оттаму не се повела дисциплинска постапка против службено лице, односно никогаш оттаму не побарале ниту да се свика постојаната анкетна комисија во Собранието, која во случај на повреда на уставните и законските права на повеќе граѓани можат да ја свикаат.
Токму ова беше констатирано за време на неодамнешната седница на собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која со десет гласа „за“ ги усвои заклучоците по годишниот извештај за работата на народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година.
Според пратениците, омбудсманот, кој секоја година подготвува извештаи за повреда на човековите права, на кои јавноста бурно реагира, а институциите го игнорираат, не ги користи докрај механизмите што ги има на располагање.