За време на едно патување по Медитеранот, швајцарскиот сликар Арнолд Беклинг (1827-1901) видел еден остров што пленел со својата убавина. Подоцна, по сеќавање, го насликал островот и со таа слика ја започнал уметничката приказна наречена „Островот на мртвите“. Оваа негова најпозната слика има пет верзии, сите на свој начин убави и уникатни. Додека ја сликал првата верзија, во неговото ателје дошла извесна дама, млада вдовица, која се одушевила од сликата, па за неа насликал друга, помала, на која ѝ додал една бела витка женска фигура и ковчег, алузија на нејзиниот покоен сопруг. На Беклинг многу му се допаднал овој додаток, па го насликал и во првата верзија (а подоцна и во другите три). Првенствено замислена како, според зборовите на авторот, слика покрај која се мечтае, станала слика поврзана со смртта.
Не може со сигурност да се каже која импресија од сликата – мечтаењето или смртта – преовладува во симфониската поема на Сергеј Рахманинов (1873-1943). Тој ја видел црно-белата верзија на „Островот на мртвите“ во Париз и веднаш се дал во нејзино оживување низ музика. Подоцна ја видел и сликата во боја, изложена во Лајпциг и во таа пригода изјавил дека неговиот „Остров на мртвите“ веројатно не би постоел да ја видел првин оваа верзија. За него црно-белата била врвна слика и врвна инспирација.
Ни самиот не умеел да објасни зошто бил толку понесен и маѓепсан од сликата, ниту знаел како толку спонтано ја преточил во музика. Првата „средба“ на Рахманинов со сликата била љубов на прв поглед. Поточно, инспирација на прв поглед.
„Островот на мртвите“ на Рахманинов започнува мрачно, магливо и мистериозно. Призвукот на веслата низ мирното темно море не навестува драматика. Но низ дваесетте минути музика, Рахманинов нѐ води низ измешани чувства – меланхолија, смиреност, мечтаење… кога островот се појавува низ измагливоста, музиката се полни со радост и животна снага… наеднаш одекнува Диес ирае, грегоријански напев од мисата за мртвите – мото на смртноста, кое често се повторува во делата на Рахманинов. И додека Диес ирае сѐ уште одѕвонува, музиката повторно е замаглена во сенките, придружена со звукот на непрекинато веслање.
Лада Шоптрајанова Петровска