Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека лидерска средба за текот на разговорите за прашањето за името најверојатно ќе нема, бидејќи, како што рече, во Охрид немало некој посебен исчекор.
– Верувам дека веројатно ќе има средби, односно меѓусебно информирање од страна на министерот за надворешни работи и од моја страна и на претседателот на државата и на шефот на опозицијата, бидејќи тие заклучуваат дека навистина нема нешто толку значајно што би било основа за лидерска средба. Ние го почитуваме тоа. За нас е важно да бидат сите информирани и да ги споделиме идеите за следните стратегиски чекори – изјави вчера Заев. На новинарско прашање во врска со ставовите на грчката опозиција и власта по неговите изјави за името, Заев одговори дека водат транспарентен процес и оти и граѓаните треба да знаат.
– Точно е, постојат разлики од самиот почеток, постоеле и 27 години, но исто така е точно и дека има исчекор во преговарачкиот процес. Секако, работите не се решени докрај. Но прво е добро што граѓаните од двете земји се доста упатени, второ што никогаш не постоеле подобри услови за преговарачкиот процес, ниту пак поголема извесност за наоѓање решение на овој горлив проблем – објасни Заев.
Тој додаде дека треба да се продолжи посветено, со заемна грижа, за позициите на другата страна од преговорите.
– Ние да водиме грижа за грчката страна, тие за нашата страна, за да можеме на крајот да се обидеме да направиме сѐ, со целата креативност што ја имаме за двете страни да бидат конечно задоволни од конечното решение или барем еднакво незадоволни – истакна премиерот.
На прашање што доколку не се постигне решение, тој одговори дека многу малку или воопшто не размислува што доколку не се дојде до решение.
– Знам дека дури и да не најдеме решение за проблемот, со Грција мора да градиме пријателство. Јас ќе продолжам да градам пријателство, ќе подавам рака и ќе се обидувам за два, за пет месеци, за една година да се најде решение. Искрено посакувам да се најде решение поради тоа што имаме многу да работиме во иднина како соседски земји. Имаме многу нешта да подобриме во интерес на граѓаните меѓу двете земји, така што претстојат многу други задачи покрај овој проблем што постои меѓу двете земји – рече Заев.