Вкупно 193 репрезентации во отворениот дел и 181 селекција во женска конкуренција ќе настапат во Будимпешта од 10 до 23 септември
Шаховската олимпијада (ШО) расте со секое издание, а 45-та, во Будимпешта, ќе биде најголема, откако рекордни 193 репрезентации во отворениот дел и 181 селекција во женска конкуренција ќе настапат во главниот град на Унгарија од 10 до 23 септември, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
ФИДЕ ги објави составите на сите репрезентации. За Македонија, која е 60-та пред почетокот на отворениот дел ШО 2024, ќе играат Евгениј Романов (рејтинг 2.563), Никола Николовски (2.383), Тони Лазов (2.369), Емил Ристески (2.362) и Антон Златков (2.301). За женската селекција на Македонија, која е 68. пред почетокот, ќе настапат Моника Стојковска (рејтинг 2.034), Ивана Манова (1.993), Моника Жежовска (1.960), Сања Трајковска (1.930) и Леа Ефтовска (1.837).
Први носители на отворениот турнир се САД, Индија, Кина, Узбекистан, Холандија…, а на турнирот за жени Грузија, Индија, Полска, Кина, Азербејџан… Женските селекции на Лихтенштајн, Гернзе, Гренада, Сент Винсент и Гренадини, Сент Китс и Невис, Американските Девствени Острови, Санта Лусија, Науру и Кајманските Острови, ќе дебитираат на ШО, пишува ФИДЕ.
– Соединувајќи ги славните играчи и ѕвезди во подем од целиот свет што играат за нивните национални тимови, Шаховската олимпијада е настан како ниту еден друг. Претстои единаесетдневен прекрасен спектакл со прикажување на шаховскиот сјај во Будимпешта – пишува ФИДЕ. Н.М.