Фото: Пикселс

Родителите можат да влијаат врз ризикот и заштитните фактори во семејниот дом. Не случајно се вели дека родителите и старателите се најважниот пример во животот на децата и тинејџерите, нагласуваат експертите по повод случајот во кој беа загрозени четворица малолетници во Скопје по консумација на алкохол и психотропни супстанци

Загрозувањето на четворицата малолетници со употреба на психотропни супстанции од еден поинаков агол

Пошироката јавност сѐ уште е вознемирена од немилиот случај кога четворица малолетници беа хоспитализирани на Клиниката за токсикологија откако консумирале алкохол и психотропни супстанции во стан во Скопје, при што двајца од нив биле пронајдени во бесознание. Психолозите советуваат родителите да комуницираат со децата и тинејџерите, да ги прашуваат за нивните ставови, но и да им укажат оти можат да бидат искрени и да разговараат отворено без да се најдат во неволја. Се препорачуваат разговори за причините што се против користењето дрога, но истовремено и избегнување на заплашувањето.
– Како родител, вие имате најголемо влијание во животот на вашето дете и отворените искрени разговори се еден од најмоќните начини да се поврзете со вашите деца и да им помогнете да се развијат во здрави возрасни луѓе. Кога се осврнувате на некои попредизвикувачки теми, како што се никотин, алкохол или дрога, не станува збор за еднократен разговор за дрога, туку за решавање на темата преку почести, органски разговори, кои се развиваат како што вашето дете старее – советуваат експертите.

Се намалува старосната граница на лицата што злоупотребуваат дроги

При случајот забележан во Скопје станува збор за малолетници на возраст помеѓу 14 и 17 години, кои со нарушена свест и со голем број повреди по телото биле однесени и хоспитализирани на Клиниката за токсикологија, откако консумирале алкохол и психотропни супстанции што им биле дадени од 40-годишен скопјанец. Двајца од малолетниците биле во бесознание, според првичните информации од полицијата.
– Малолетните лица консумирале поголемо количество алкохолни пијалоци, а во еден момент од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање одредени медикаменти. Со тоа малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентарот во дневната соба во која престојувале и притоа добиле повреди – информираа од СВР-Скопје за овој случај.
Дополнително, Јавното обвинителство поведе истражна постапка против 40-годишниот скопјанец поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела тешки дела против здравјето, производство и тргување со штетни лековити средства и опасно изложување. Од Јавното обвинителство исто така соопштија дека осомничениот им нудел лекови на малолетниците, а во меѓувреме судот му одреди и притвор од 30 дена.
Но ова не е повремен случај, бидејќи во еден подолг временски период македонското општество е сведок дека старосната граница на лицата што злоупотребуваат дроги сѐ повеќе се намалува, односно се зголемува бројот на деца и малолетници што консумираат алкохол или психотропни супстанции. Направивме поширока анализа на состојбата, како и на причините поради кои малолетниците злоупотребуваат дроги, но и на последиците врз нивниот психички и физички развојот од оваа девијантна појава.

Вообичаени фактори на ризик за злоупотреба на дрога кај тинејџерите

Неколку реномирани истражувања потврдуваат дека многу фактори влијаат на веројатноста на детето да користи нелегални супстанции или да развие нарушување на злоупотребата на супстанции. Ефикасната превенција од дрога се фокусира на намалување на факторите на ризик и зајакнување на заштитните фактори што се најтесно поврзани со злоупотреба на супстанции. Според нашите соговорници, фактори на ризик се околности или настани што ги зголемуваат употребата и злоупотребата на дроги кај детето. Колку повеќе фактори на ризик се присутни толку е поголема веројатноста детето да користи дрога и да развие проблеми.
Многу фактори можат да придонесат за употреба и злоупотреба на дрога кај тинејџерите. Експертите велат дека интеракциите во семејство и контактите со врсниците се некои од факторите што се поврзани со употребата на дрога кај тинејџерите. Светската пракса потврдува дека алкохолот и тутунот може да бидат некои од првите супстанции што лесно ги добиваат тинејџерите. Бидејќи алкохолот и тутунот се легални за возрасните, може полесно да бидат достапни за тинејџерите.
Од друга страна, тинејџерите генерално сакаат да се вклопат со врсниците. – Доколку нивните пријатели користат супстанции, тогаш кај некои тинејџери може да се појави желба за користење дрога, верувајќи дека на тој начин ќе се вклопат, но и ќе се чувствуваат посигурно со врсниците – велат нашите соговорници.

Родителите и семејното воспитување ја имаат тежишната превенција од употребата на дрога кај младите, а потоа училишното воспитување и образование

Заштитните фактори што можат да го намалат ризикот од употреба на дрога вклучуваат поминување на времето со позитивни модели и живеење во заедница што им нуди на младите активности каде што дрогата и алкохолот не се толерираат, како и посетување училиште со ефективна едукативна програма за алкохол и дрога. Педагозите исто така ги советуваат дека родителите мора да бидат запознаени со активностите на своите деца и тинејџери, да обрнат внимание на тоа каде наоѓаат, да воспостават јасни правила и последници доколку бидат прекршени. Како родител, не постои начин да се гарантира дека вашето дете никогаш нема да земе дрога, но постојат начини на кои можете да помогнете да ја одложите или спречите нивната употреба, како и да го намалите потенцијалот за штета. Затоа на родителите им се препорачува да ги запознаат пријателите на нивните деца и тинејџери, но и да обезбедат поддршка и да постават добар пример.
Неколку истражувања исто така потврдуваат дека децата и тинејџерите не би користеле дрога доколку се создаде силна врска со родителите, вклучувајќи и редовни разговори за штетните последици од дрогата. Експертите исто така велат дека родителите можат да влијаат врз ризикот и заштитните фактори во семејниот дом, бидејќи не случајно се вели дека родителите и старателите се најважниот пример во животот на децата и тинејџерите, нагласуваат нашите соговорници.


Кус осврт на последиците од злоупотреба на дрога кај тинејџерите, како најгласен аларм

Негативните последици од злоупотребата на дрога кај тинејџерите може да вклучуваат: зависност (некои тинејџери што злоупотребуваат дрога се изложени на зголемен ризик од нарушување на употребата на супстанции), лоша процена (употребата на дрога кај тинејџерите е поврзана со лошо расудување во социјалните и личните интеракции), високоризична сексуална активност (употребата на дрога е поврзана со високоризична сексуална активност, небезбеден секс и непланирана бременост), нарушувања на менталното здравје (употребата на дрога може да го комплицира или да го зголеми ризикот од нарушувања на менталното здравје, како што се депресија и анксиозност), промени во училишните перформанси (употребата на супстанции може да резултира со полоши оценки, присуство или искуство во училиште).
Употребата на дрога може да резултира со зависност, сериозни нарушувања на здравјето, болест и смрт. Здравствените ризици од најчесто користените лекови вклучуваат: кокаин (ризик од срцев и мозочен удар), екстази (ризик од откажување на црниот дроб и срцева слабост), инхаланти (ризик од оштетување на срцето, белите дробови, црниот дроб и бубрезите од долготрајна употреба), марихуана (ризик од оштетување на меморијата, учењето, решавањето проблеми и концентрацијата; ризик од психоза, како што се шизофренија, халуцинации или параноја, подоцна во животот поврзан со рана и честа употреба, за тинејџерите што користат марихуана и имаат психијатриско нарушување постои ризик од депресија и поголем ризик од самоубиство), метамфетамин (ризик од психотично однесување од долготрајна употреба или високи дози), опиоиди (ризик од респираторен дистрес или смрт од предозирање.


Алкохолот, канабисот и тутунот се трите најчести пороци на младите

Повеќе реномирани истражувања потврдуваат дека алкохолот, канабисот и тутунот се трите најчесто користени пороци на младите. Истражувањата исто така потврдуваат дека кај малолетните лица на возраст од 14 до 17 години: 69 отсто од жените и 63 отсто од мажите одлучиле да не пијат алкохол, 96,6 отсто никогаш не пушеле тутун и нешто помалку од два отсто пушеле на дневна основа. Друго истражување што се однесува за тинејџери на возраст од 12 до 17 години наведува дека 16 отсто пробале канабис, два отсто пробале амфетамини, пет отсто пробале екстази, два отсто пробале кокаин и еден отсто пробале хероин. Д.Ст.