Глобалниот технолошки прекин што влијаеше на работата во многу сектори, а исто така погоди и делови од работата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, се покажа како добар тест пред Игрите, соопшти Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), пренесе агенцијата „Ројтерс“
Ажурирањето на софтверот од страна на глобална компанија за сајбер-безбедност предизвика системски проблеми што приземјија летовите, принудија радиодифузери да се исклучат и оставија клиенти без пристап до услуги како што се здравствена заштита или банкарство, пишува „Ројтерс“. Тоа влијаеше и на некои операции на организаторите на Игрите во Париз.
– Да, имаше некои значителни проблеми утрото, но тоа беше многу добро решено. Беше доста добра проба – рече портпаролот на ИОК, Марк Адамс.
Игрите во Париз почнуваат в петок. Ова не беше првпат олимписки игри да бидат погодени од технички проблем или напад, при што Зимските олимписки игри во Пјонгчанг 2018 беа цел на сајбер-напади, пишува „Ројтерс“.
– Сајбер-нападите се дел од секојдневието. Олимписките игри очигледно се огромна цел. Имаме огромно количество заштитни мерки. Никогаш не можете да бидете премногу подготвени. Имавме блиска средба во Пјонгчанг. Имаме целосна доверба дека знаеме како да се справиме со тоа – рече Адамс. Н.М.