Играчите што неодамна направија приспособување од земјените терени на Отвореното првенство на Франција во почетокот на јуни до тревата на Вимблдон во почетокот на јули ќе треба повторно да го сменат курсот. Терените на Ролан Гарос што се користат за гранслем-турнирот во Франција се домаќини на олимписките натпревари од 27 јули, две недели откако заврши гранслем-турнирот во Вимблдон
Површината за натпреварување не се менува за повеќето олимписки спортови, базенот е базен, патеката е патека, душеците се душеци и така натаму, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тенис? Тоа е сосема друга приказна, со турнири што се играле на земјени терени, тврда подлога или на трева, а сега има промена за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.
Првпат по повеќе од 30 години, тениските натпревари на ЛОИ ќе се одржат на земја, што значи дека играчите што неодамна направија приспособување од земјените терени на Отвореното првенство на Франција во почетокот на јуни до тревата на Вимблдон во почетокот на јули ќе треба повторно да го сменат курсот. Терените на Ролан Гарос што се користат за Отвореното првенство на Франција се домаќини на олимписките натпревари, кои почнуваат на 27 јули, две недели откако заврши гранслем-турнирот во Вимблдон.
– Тоа дефинитивно ќе биде интересно. Но секој го прави тоа. Сите ќе бидеме во ист брод. Обично не се мачам премногу со менувањето. И ми се допаѓаат терените таму. Можеби е полесно од некои други места каде што играме на земјена подлога. Кога времето е топло во Париз има добра брзина. Нема многу на што да се навикнуваш – рече Џесика Пегула, Американка, рангирана во врвните 10, пренесе АП.
Еден дополнителен фактор во мислите на некои играчи ќе има уште еден краток пресврт по ЛОИ за да се подготват за преселба на тврдите терени пред Отвореното првенство на САД, кое почнува кон крајот на август. Тоа е помалку од еден месец по доделувањето на медалите во Франција.
– Тоа нема апсолутно никаква смисла – вели Тејлор Фриц од САД.
Тенисот станува различен спорт, на некои клучни начини, во зависност од тоа каде се игра.
– Треба да се приспособите на тоа. Ќе биде чудно, очигледно, брзото враќање на земјена подлога, но постојано ја менуваме површината – рече Кем Нори, кој ќе ја претставува Велика Британија на ЛОИ.
Земјата е помека и побавна, што може да ја затапи моќноста на сервисите и ударите на земја и да создаде подолги размени на удари, давајќи ѝ предност на издржливоста, пишува АП. Тревата е побрза и топчињата отскокнуваат пониско. Тврдите терени имаат тенденција да произведуваат отскокнувања со среден опсег и генерално ќе ги наградуваат оние што ќе одат на удари за освојување директен поен. Најголемата разлика меѓу нив може да биде работата на нозете. Земјата бара лизгање, тревата е повеќе за непрекинати чекори, за да се избегне лизгање, а тврдите терени генерално не предизвикуваат толку многу падови како кој било од другите. Н.М.