Мировната мисија на Орбан наиде на рестриктивни мерки како одговор од Брисел
Унгарскиот премиер во првите денови од унгарското претседателство со ЕУ ги посети Киев, Москва, Пекинг и Вашингтон на самитот на НАТО, а потоа и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на Флорида. Но набрзо уследија остри критики од другите земји членки на ЕУ и сојузници во НАТО, а сега веќе и рестриктивни мерки насочени кон Будимпешта
Извршната власт на Европската Унија (ЕУ) во Брисел делумно го бојкотира шестмесечниот мандат на Унгарија при ротирачкото претседавање со Европскиот совет, како одговор на самопрогласената мировна мисија на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во која тој се впушти откако ја презеде функцијата на почетокот на месецов, пренесуваат светските медиуми. Орбан во првите денови од унгарското претседателство ги посети Киев, Москва, Пекинг и Вашингтон на самитот на НАТО, а потоа и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на Флорида.
Унгарскиот премиер ја нарече неговата дипломатска активност мировна мисија, прикажувајќи се како еден од ретките шефови на влади на членка на ЕУ и НАТО што сè уште можат да одржуваат продуктивни разговори во Москва и да преговараат со сите страни вклучени во конфликтот. Но набрзо уследија остри критики од другите земји членки на ЕУ и сојузници во НАТО, а сега веќе и конкретни рестриктивни мерки насочени кон Будимпешта.
Делумен бојкот на ЕУ: Еврокомесари нема да присуствуваат на состаноците во Унгарија
Европската комисија соопшти дека ќе изврши делумен бојкот на шестмесечното претседавање на Унгарија со Европскиот совет. Брисел наведе дека ќе испраќа високи функционери само на неформални состаноци, но не и некој од 27-те комесари на ЕУ, што сугерира дека не треба да се очекуваат формални посети на Унгарија од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и нејзините подредени.
– Во поглед на неодамнешните случувања што го означуваат почетокот на унгарското претседателство, Урсула фон дер Лајен одлучи дека Европската комисија ќе биде претставена на ниво на високи претставници само за време на неформалните состаноци на Советот – истакна за јавноста портпаролот на Фон дер Лајен, Ерик Мамер, додавајќи дека нема да се одржи вообичаената посета на еврокомесарите на главниот град на државата што претседава со Советот на ЕУ.
Оваа посета вообичаено се одржува на почетокот на шестмесечниот период, при што се разговара за плановите и конкретните чекори што ги презема ЕУ.
Унгарија, во својство на актуелен претседавач со ЕУ, најави дека планира одржување самит за надворешни работи во Будимпешта, на 28 и 29 август, но во истиот период ќе биде закажано и заседание на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАК).
Неколку земји членки веќе го презедоа истиот чекор
Одлуката на ЕУ е во согласност со чекорите што веќе ги презедоа неколку земји членки на Унијата што се позиционирани блиску до границите на Русија. Шведската влада минатата недела објави дека таа, Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска нема да испраќаат министри на владини состаноци поврзани со унгарското претседателство со ЕУ во јули, во знак на протест поради разговорите на Орбан со Путин во Москва.
Шведската министерка за европски прашања Џесика Росвал во таа пригода рече дека земјите ќе бидат претставени само од државни службеници и дека другите членки на ЕУ размислуваат за слични чекори.
Будимпешта со критички одговор кон Брисел: „Унгарија смета дека ЕУ не може да прави селекција на средбите“
Унгарија критички одговори на соопштението од Брисел, тврдејќи дека ЕУ всушност покажува фаворизам и нееднаков однос кон сите земји членки, нагласувајќи дека секоја држава што му припаѓа на европскиот блок треба да има еднакво право на чело на ротирачкото претседателство.
– ЕУ е меѓународна организација конституирана од нејзините земји членки. Европската комисија е институција на ЕУ. Европската комисија не може да ги избере институциите и земјите членки со кои сака да соработува. Дали сите одлуки на комисијата сега се засноваат на политички размислувања – напиша унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на социјалните мрежи. Р.С.