Фото: КФМ

КОШАРКА – ДЕНЕСКА ВО ПОЛСКА ПОЧНУВА 25. ЈУНИОРСКО ЕП 2024

Од ривалите на Македонија, најзвучна е Шпанија, која настапила на сите ЕП, а трипати била европски првак, Турција играла на 23, а злато освоила еднаш, додека Белгија била дел од седум ЕП, а најдобро минала лани, кога била четврта

Во полскиот град Гдиња, до 21 месецов ќе се одржи 25. Европско првенство (ЕП) за кошаркари до 20 години (дивизија А), на кое меѓу 16-те репрезентации учествува и Македонија, предводена од селекторот Боро Смилковски. За црвено-жолтите ова ќе биде трето учество на вакво ЕП, а досега биле 11-ти на ЕП во Скопје (2000) и 15-ти на ЕП во Словенија и Италија (2007). Македонија го избори пласманот на ова ЕП по ланското ЕП (дивизија Б), кое се одржа во Скопје, каде што го освои второто место меѓу 20 селекции, загубувајќи во финалето од Чешка (72-85), додека трета беше Украина.
– Успешно го затворивме мини-циклусот на подготовки во кој одигравме и шест пријателски натпревари. Задоволни сме од сработеното, играчите максимално се посветени и како стручен штаб сме благодарни за нивната доверба. Физички и техничко-тактички сме подготвени, свесни за тежината на националниот дрес и што значи да си меѓу избраните да ја претставуваш својата држава. Ветуваме дека ќе го дадеме својот максимум, да покажеме дека можеме да играме добра кошарка. Да бидеме најдобрата верзија од себе, е сѐ што барам од играчите и сметам дека тоа е доволно да ја постигнеме нашата цел, а тоа е опстанок во дивизијата А – оптимист е селекторот Смилковски.

Македонија на ЕП првиот меч во групата Ц го игра денеска со Шпанија, (20.30 ч.), утре со Турција (20.30 ч.), а в понеделник со Белгија (18 ч.). Од ривалите најзвучна е Шпанија, која настапила на сите ЕП, а во 2011, 2016 и 2022 била европски првак. Турција играла на 23, а злато освоила во 2014, додека Белгија била на седум ЕП, а најдобро минала лани, кога била четврта. Најтрофејна селекција е Србија со пет злата, додека Шпанија и Грција имаат по три, а вкупно 11 држави најмалку еднаш биле прваци. Титулата ја брани двократниот првак Франција, која лани во финалето го победи Израел (89-79).

Вкупно 16 држави се поделени во четири групи (А, Б, Ц, Д), сите ќе одиграат по три меча и ќе се пласираат во плејофот. Во зависност од пласманот во првата фаза, ќе се формираат и двојките за првата елиминациска фаза, 16-финалето. По директните елиминациски дуели ќе бидат познати и учесниците во четврт-финалето, полуфиналето и финалето. Поразените во првиот елиминациски круг ќе се борат за пласман од деветтото до 16-то место. Двете последнопласирани селекции се селат во дивизијата Б. Г.И.


МАКЕДОНИЈА – СОСТАВ
Бекови: Андреј Шошкиќ (190 см), Петар Бошалески (195 см), Ангел Кечовски (194 см). Плејмејкери: Михаил Стојанов (184 см), Ненад Јовановиќ (182), Лука Димитриевски (194 см). Крила: Грегориј Јакимовски (195 см), Никола Бојчев (194 см). Крилни центри: Тома Стојаноски (200 см), Павел Иванов (203 см). Центри: Теодор Симиќ (215 см), Марко Луканоски (208 см). Селектор: Боро Смилковски.


ЕП 2024, ПРВО КОЛО, ДЕНЕСКА
Група А: Франција – Полска, Грција – Србија
Група Б: Израел – Чешка, Германија – Италија
Група Ц: Турција – Белгија, Шпанија – Македонија
Група Д: Црна Гора – Словенија, Литванија – Исланд