Филипа Сара Попова е добитничка на наградата „Млада Струга“ за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“, објавија од раководството на „Струшките вечери на поезијата“. За наградата одлучуваше комисија во состав: Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади – членови.
– Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување. Но во тој „свет што се раѓа и распаѓа“ секој човек е еден мал свет, еден терариум во кој буи животот наспроти границата на стаклениот свод – рече Славе Ѓорѓо Димоски во образложението на наградата.
„Скршен терариум“ изобилува со асонанци, метонимии и речиси незабележлив, но исклучително важен ритам во пренесување на мотивот, кој се проткајува низ целата стихозбирка и ја прави една компактна логичка целина. Филипа Сара Попова користи лесен и разигран јазик, иако полн со симболи, слики и логички корелации помеѓу нив. Од поетичка страна, Филипа Сара Попова го подражава драматичниот импулс на поетското битие и духот на современоста.
Филипа Сара Попова (1998 г.) е апсолвентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Поезијата ѝ е објавена во антологиските збирки „Рукописи 45“ и „Ново раѓање на зборот“, како и на феминистичкиот портал „Медуза“ и електронското списание „Репер“.
Според Тодорче Тасевски, директорот на „Струшките вечери на поезијата“, од оваа година, младите поети добиваат уште една можност – да конкурираат за возобновената поетска награда „Млада Струга“ што во минатото беше желно исчекувана од поетите од помладата генерација. Oсвен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на фестивалот, во чија програма е предвиден портрет на добитникот на наградата. В.Д.