Забележано, необјавено
Творец и визионер за рационално користење на дарот на природата на планината Бистра и на поширокиот Мавровски Регион беше мавровецот Заре Лазаревски, кој во неколку пригоди ми говореше за идејата и големата желба родното место Маврово да го изгради во скијачки центар, со што населението ќе ги остави печалбарските торби и на домашното огниште ќе ја обезбедува егзистенцијата за подобар живот
Киро Кипроски
Како новинар, хроничар, истражувач, колумнист на повеќе дневни весници, списанија, ревии и на електронските медиуми и публицист со 13 монографии и над 10.000 објавени текста и уште повеќе црно-бели и колор фотографии, на пошироката јавност ѝ ги доближив и афирмирав природните убавини и реткости на Македонија, на врвни научни и други остварувања на работниците и граѓаните во сите сфери во општеството, за Македонци светски научници што со дела ја афирмираат Македонија и за Македонците што во работниот и животниот век со делата што ги создале се запишале во книгата на вечните во 20 и во првата половина на 21 век. Без да претерувам со мојата скромност, професионална и лична одговорност, којзнае по кој пат и во оваа сторија ќе напишам и ќе потврдам дека името на мавровецот Заре Лазаревски е синоним за скијачкиот центар „Маврово“, визионер, иницијатор, основач, создател за постанокот и развојот на познатиот и признат монденски скијачки центар за алпски и нордиски дисциплини на планината Бистра, во комплексот Скијачки центар Маврово.
Тоа е повод за текстов да му го посветам на мавровецот Заре Лазаревски, исклучителна личност во повеќе области и раководител. Свесен сум дека не ќе можам да ги опфатам сите негови постигања затоа што се многубројни. Во младите години, заедно со другарите од селото Маврово, се вклучи во борбата за национално ослободување на Македонија од окупаторите, како првоборец во македонското партизанско движење во Втората светска војна во Мавровскиот Регион. Како вљубеник на скијањето и планините, иако волонтер, задачите и обврските ги извршуваше професионално и со огромна љубов, камче по камче, тула по тула, го градеше и го создаде скијачкиот центар Маврово. Професионално беше исклучителен и верен заменик државен јавен обвинител, работните задачи ги извршуваше беспрекорно до пензионирањето. И покрај големите работни и општествени активности, не го запостави семејството, беше одличен сопруг и татко. Да не се заборават ликот и делото на Заре Лазаревски (27 јуни 1924 – 19 мај 2024 година), на мојот неколкудецениски пријател и соработник, на денот на раѓањето 27 јуни беше одбележан јубилејот 100 години на раѓањето. Одбележувањето на јубилејот го организираа неговиот син и ќерка, Бодан Лазаревски и Јованка Лазаревска-Станчевска, и внукот Вељко, син на братот Крсте. Во чест на јубилејот еден век од раѓањето на Заре се одржа промоција на монографијата „Приказна за големиот визионер, креатор и градител Заре Лазаревски, ски-центарот и Маврово“ на авторите Јасмина Миронски и Бранислав Станчевски.
Како Маврово стана ски-центар
Природата кога го создавала Мавровскиот Регион била несебична, дарежлива, му подарила непроценливо богатство на несекојдневни убавини и реткости, планини со високи врвови од над 2.000 метри, реки, водопади, пештери, бујна вегетација, непрегледни планински пасишта, огромен потенцијал за развој на повеќе стопански гранки, сточарство, овчарство, особено за развој на зимските спортови и за одржување квалитетни ски-натпревари во алпски (слалом, велеслалом и спуст), во нордиски и сноуборд-дисциплини, за развој на зимскиот и летниот туризам, на планинарството… Пред неколку века поширокиот Мавровски Регион, со планините Бистра, Шар Планина, Кораб, Стогово, Дешат и Крчин, бил прочуен и препознатлив по производството на галичко овчо бело сирење и кашкавал, шарпланинско јагне, овча маст и други млечни производи, кои се извезувале во повеќе региони на Балканот, Европа и Америка.
Последниве неколку децении планината Бистра стана препознатлива и по прекрасните скијачки патеки на кои се одржуваат врвни државни, локални и меѓународни натпревари во алпски, нордиски, сноуборд-дисциплини. Со квалитетот што им го нуди на скијачите, Маврово се вброи меѓу познатите и признаени зимски спортски и рекреативни скијачки центри на Балканот, и не само тоа: во четирите годишни времиња стана привлечно и се разви во одлична туристичка дестинација за љубителите на белите спортови, планинарството, ловот, риболовот и слично.
Творец и визионер за рационално користење на дарот на природата на планината Бистра и на поширокиот Мавровски Регион беше мавровецот Заре Лазаревски, кој во неколку пригоди ми говореше за идејата и големата желба родното место Маврово да го изгради во скијачки центар, со што населението ќе ги остави печалбарските торби и на домашното огниште ќе ја обезбедува егзистенцијата за подобар живот.
– Како активен првоборец на Првиот мавровски партизански одред, со соборците, со импровизирани скии низ планинските беспаќе, покриени со големи снежни наноси, успевавме тајните партиски материјали да им ги врачиме на одговорни партиски и воени лица во мавровските села, во Галичник, во партизанската база Кременчуг и во други села. Со голем напор успевавме да ги извршуваме задачите, а притоа да не бидеме откриени од окупаторот и од домашните предавници балисти. Таа беше одлична шанса да ги запознаам убавините на планината Бистра и можностите што ги нуди за скијање, да се вљубам, и ми дојде идеја, по ослободувањето од фашистичкиот окупатор и од домашните предавници – балистичките банди, приоритетна задача да ми биде да се ангажирам со другарите и истомислениците Маврово да го претворам во скијачки центар, во кој младите ќе најдат вработување, а на жителите да им се подобрат стандардот и условите за живеење и да заборават на печалбарството по корка сув леб – често во разговорите Заре ми говореше за љубовта и идеите.
Тој секогаш имаше напредни идеи и сметаше дека со редовно и достоинствено информирање на јавноста, заеднички, ќе може да ја оствари визијата за која постојано мечтаел.
Изјавата на Јосип Броз-Тито за условите на Маврово дала уште поголем елан
Претседателот на некогашната заедничка држава СФРЈ, Јосип Броз-Тито, на 27 мај 1957 година, го пуштил во употреба првиот агрегат на ХЕЦ „Вруток“. Претседателот Тито не ја пропуштил шансата од доаѓањето во Македонија и го посетил Мавровско Езеро. По кусата прошетка и престој, според сеќавањата на Гале Фиданоски, новинар и публицист, на раководството на Општина Гостивар му рекол дека Мавровскиот Регион има одлични услови за развој на туризмот и скијањето и предложил да не чекаат и веднаш да ги започнат активности за изградба на сместувачки и скијачки објекти за развој на туризмот.
– Изјавата на претседателот Тито, по краткиот престој на Маврови Анови и на браната на Мавровско Езеро, дека крајот нуди идеални услови за развој на скијачкиот и зимскиот туризам, ги потврдија мојата идеја и заложба за изградба на скијачки центар Маврово, ми даде уште поголем елан и крилја да го забрзам темпото за остварување на желбата и љубовта по која копнеев со години – ми потврди Заре за овој многу значаен момент.
Скијачкиот сојуз на Македонија во 1959 година донел одлука за изградба на скијачки комплекс во селото Маврово. Една година потоа, во зима и во лето, во селото Маврово неколкупати пати престојувале генерал Михајло Апостолски, почесен претседател на СС на Македонија, и Заре Лазаревски, заинтересиран за изградба на скијачкиот центар Маврово. Лазаревски ја искористил шансата да одржи средби со жителите на мавровските села и ги запознал со идејата Маврово за неколку години да стане скијачки центар, со што ќе придонесе за стопански развој на крајот, отворање на работни места за младите, подобрување на материјалната состојба на жителите и слично.
– Во 1964 година започна изградбата на првиот сместувачки капацитет во селото Маврово, наречен Скијачка школа, почнаа работите на обележување на трасата и сечење на шумата каде што требаше да се постават метални столбови за првата едносед-жичница, предуслови за да се изградат патеки во алпски дисциплини. За оваа цел управата на националниот парк Маврово донела одлука буковите дрвја да му ги преотстапи без надомест на Фондот за изградба на скијачкиот центар Маврово. На 20 ноември 1965 година на планината Бистра свечено беше пуштена во употреба едносед-жичницата, а во селото Маврово првиот сместувачки капацитет наречен Скијачка школа, со што беше означен почетокот на работа на скијачкиот центар Маврово, ми говореше Ѓоре Пецовски, прв директор на Центарот.
Во многу пригоди по скијачките натпревари, Борче Петрушевски, претседател на УО на Скијачката школа во Маврово и долгогодишен активист на скијачкиот сојуз на Македонија, ми раскажуваше за развојот на скијањето на Маврово, притоа повеќепати ја акцентираше личноста на мавровецот Заре Лазаревски и потенцираше дека без неговото ангажирање, пожртвуваност и мудрост, немаше да се изгради и да се развива скијачкиот центар Маврово. Тоа може да го оствари само Заре,одговорна и хумана личност, човек со големо срце и затоа успеваше во реализацијата на идеите, без буџетски средства, со донации, и со неговото дело заслужено се запиша во книгата на вечните личности.
– На почетокот на 1965 година штотуку го завршив средното техничко училиште. Со моите другари го расчистувавме снегот пред куќата, дојде Заре, нѐ праша што имаме завршено и ни рече ако сакаме од утре да почнеме со работа. Благодарение на Заре, во центарот се вработивме десетина млади луѓе кои штотуку имавме завршено средно техничко и економско училиште. Центарот беше основа за изградба на угостителски објекти, викенд-куќи, инфраструктурни и други објекти, во кои невработените лица од Мавровско, Долна и Горна Река и од Гостивар, најдоа вработувања – се сеќава Нестир Данилоски, кој целиот работен век го мина во скијачкиот центар, а десетина години беше и директор.
Заре Лазарески развојот на скијачкиот центар Маврово го темелеше на донации за изградба на сместувачки капацитети.
– По изградбата ги продаваше, а со парите градеше нови и така се оформуваше центарот – се присетува пензионерот Сретен Лазаревски, поранешен директор на ЈКП „Маврово“ и бивш градоначалник на Општина Маврово.
Откако ја изгради Скијачката школа во селото Маврово, ѝ ја продаде на фабриката за цемент „Усје“ од Скопје. Со добиените средства го изгради објектот „Партизанска куќа“, со придружен ресторански капацитет (денешниот хотел „Фершпед“). За да развојот на центарот не беа предвидени буџетски средства, а потребите налагаа нови сместувачки објекти. И овој пат средствата ги обезбеди со продажба на овој комплекс, на ХУРО „Метропол“ од Скопје. Средствата беа вложени во изградба на скијачката школа (хотел „Лоѓ“), со капацитет од 100 легла. Во 1975 година „Метропол“ го изгради хотелот „Бистра“. По неколку години интерес, хотели на Маврово изразија повеќе претпријатија од Скопје. „Макпетрол“ изгради современ хотел во селото Маврово, а скопската железарница хотелот „Радика“ во Леуново.
Во 1987 година беа изградени сместувачките објекти „Мавровка 1 и 2“, со близу 100 легла. Се изградија неколку паркиралишта во селото Маврово. Како што ни говореше бившиот градоначалник Сретен Лазаревски, Заре Лазарески еднакво водел грижа за изградба на ски и други објекти на планината Бистра, кои се од интерес на скијачите и посетителите, сѐ со цел полесно и побрзо да ги освојуваат белините на планината, а притоа да не го губат времето во чекање и да не се нервираат.
Забележан голем потфат при изградбата
Пет години траеја подготовките и обезбедувањето средства за изградба на жичница двосед. Интересот за престој на планината Бистра постојано се зголемуваше. Едноседот веќе претставуваше тесно грло, скијачите и посетителите со часови чекаа во ред за да се искачат на терените. Во 1979 година на тежок терен и во лоши временски услови (магла, снег), првпат на Балканот и пошироко, со хеликоптер се носеа 23 метални столбови за двоседот и ги поставуваа на бетонските фундаменти. На овој потфат, како и речиси на изградбата на сите објекти во овој крај, како новинар присуствував и се сеќавам, а заслугата беше на Заре Лазарески. На прашањето како успеал да обезбеди воен хеликоптер со посада да ги пренесува и поставува металните столбови на двоседот, Заре ми зборуваше дека сето тоа го постигнал со помош на влијателни старешини што потекнуваат од нашиот крај, негови другари, кои успеале Генералштабот на ЈНА во Белград како помош на војската за развој на центарот да одобри специјален хеликоптер со екипаж да ја изврши оваа мошне сложена и тешка задача. Од паркингот во селото Маврово, со воен хеликоптер – екипажот го подигнуваше металниот столб, го носеше на местото каде што требаше да се монтира столбот и внимателно го спушташе над фундаментот, монтерите го зацврстуваа со шрафови, а хеликоптерот „висеше“ над нив сѐ додека столбот не се зацврсти на лежиштето. Така, 23 пати хеликоптерот и вештиот и искусен екипаж, оваа тешка, сложена и одговорна задача успешно ја завршија за десет дена. Заедно со колегата Зоран Михајлов, репортер на МТВ, и снимателот ја следевме оваа единствена активност на Балканот. Ако монтажата на металните столбови се изведуваше мануфактурно, ќе траеше со месеци и ќе се потрошеше големи износ на пари.
Одговорен за извршување и на оваа задача на војниците на ЈНА беше полковникот Данило Поповиќ.
– Изградбата на скијачкиот центар Маврово ме зближи со другарот Заре, прекрасна личност, беше почитуван од старешините на Тетовскиот гарнизон, од Скопската армиска област од Генералштабот на ЈНА и од војниците, кои со голема љубов и задоволство ги извршуваа задачите при изградбата на скијачкиот центар и подготовките на меѓународните скијачки натпревари – ни говореше Данило Поповиќ.
Во периодот меѓу седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век беа изградени девет ски-лифтови, кои синхроно се поврзани и скијачите без тешкотии крстосуваат по белините на планината Бистра, уживаат во скијањето и во снежната убавина на недопрената природна убавина. Исто така, во овој период беа изградени угостителските објекти „Бачило“ на крајната станица на едноседот и „Трифкова колиба“ на крајот на двоседот.
Со смртта на Заре Лазарески мавровскиот туристички регион загуби човек што целиот живот го посвети за изградба на скијачки терени, жичници, ски-лифтови и угостителски објекти на планината Бистра и хотели и други објекти на брегот на Мавровско Езеро. Скијачите ќе го паметат не само затоа што создаде одлични услови за скијање туку и по тоа што организираше голем број републички, државни и меѓународни натпревари во алпски и класични дисциплини, во машка и женска категорија на планината Бистра. Маврово го направи елитен скијачки центар во Македонија, а со тоа го прероди регионот.
За развојот на туризмот беше неопходно во мавровскиот крај да се градат и инфраструктурни објекти. Како што ни зборуваше Сретен Лазарески, во време на неговото раководење со ЈКП „Маврово“, со средства обезбедени од повеќе фондови на државата беа изградени два водовода во должина од 15 километри, на потегот село Беличица – село Маврово, со резервоар од 500 кубни литри и од 200 кубни литри и водоводна мрежа во должина од 100 километри. Овие капацитети ќе обезбедат нормално снабдување со вода за наредните 20 години, за потрошувачите на сите туристички населби на брегот на Мавровско Езеро и на селата Маврово, Никифорово и Леуново.
Нашите соговорници и добри познавачи на состојбите во туризмот во Мавровскиот Регион потенцираа дека за половина век многу е направено во развојот на туризмот, создадена е солидна база за позабрзан развој на овој туристички регион. Маврово е познат и признаен зимски рекреативен и спортски центар. Има перспективи за развој на туризмот, за овој регион нема мртва сезона. Но пред сė треба многу вложувања. Скијачкиот центар Маврово располага со 11 ски-лифта и три жичници, во вкупна должина од 5.700 метри, и за еден час на непрегледните белини на Бистра можат да се превезат и да скијаат над 11.000 лица. На брегот на Мавровско Езеро се изградени 1.300 викенд-куќи и дваесетина хотели, кои располагаат со 3.500 легла, во еднокреветни, двокреветни и повеќекреветни соби, луксузни апартмани, спортска сала, спортски терени, кафулиња, ресторани, одморалишта, трговски дуќани и слично.
Кој беше Заре Лазаревски
Целиот свој живот го посвети во изградбата на скијачкиот центар Маврово. Со голема љубов, волонтерски, а професионално, ги реализираше сите зафати на планината Бистра и во селото Маврово. Заре Лазарески беше роден на 27 јуни 1924 година, средно училиште заврши во Белград и по задача на КПЈ, на 17-годишна возраст се враќа во Маврово и се вклучува во Народноослободителната борба. По ослободувањето од фашистичкиот окупатор, во Скопје дипломира на Правниот факултет и целиот работен век професионално работи на повеќе одговорни функции во Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Република Македонија. Во 1963 година го основа Режискиот одбор за изградба на смучарскиот центар Маврово, кој по неколку години се трансформира во скијачки центар Маврово. За постигнувањата што ги остваруваше во професијата, во општествените активности, беше одликуван со повеќе ордени и признанија и добитник на повеќе награди. Беше носител на партизанска споменица од 1941 година. Почина во Скопје на 19 мај 1989 година.